Русија ја стави новинарката Татјана Лазарева на листата на терористи


Руското финансиско надзорно тело Росфинмониторинг ја стави телевизиската новинарка Татјана Лазарева на листата „терористи и екстремисти“.

Претходно руското Министерството за внатрешни работи соопшти дека поткренало истрага против Лазарева под обвинение за оправдување тероризам.

Обвинението произлезе од известувањето на Лазарева за украинските беспилотни летала со кои се напаѓаат руски локации.

Минатата недела МВР ја стави новинарката на листата со лица по кои трагаат руските власти.

Лазарева, која отворено ја осуди агресијата на Москва врз Украина, во јули 2022 година беше додадена и на руската листа со „странски агенти“.

Таа побегна од Русија откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022.

Меѓу оние кои претходно беа ставени на листата „терористи и екстремисти“ е и писателот и воен критичар Борис Акуњин.

Долниот дом на рускиот парламент – Државната дума, во мај годинава го одобри предлог-законот со кој на поединци од контроверзната листа на „странски агенти“ им се забранува учество на избори.

Ова следуваше по најавата на одредени опозициски политичари и новинари, кои беа прогласени за „странски агенти“, дека ќе учествуваат на изборите за градската дума во Москва закажани за септември 2024 година.

Според овој Закон, руските граѓани кои се прогласени како „странски агенти“ се лишуваат од правото да бидат избрани во сите нивоа на власт – федерална, регионална и локална.

Татјана Лазарева, која живее во Шпанија, новинарот Сергеј Маркелов, опозициската политичарка Елвира Вихарева и економистот Владислав Иноземцев се меѓу оние кои изразија желба да учествуваат на изборите.