Русија изгуби супермодерен авион „сухој-35“ вреден 80 милиони долари


 

Еден од најмодерните руски борбени авиони, „сухој Су-35“, се урна во близина на Изјум во источна Украина, на околу 120 километри југоисточно од Харков, пишува The Aviationist. Украинците тврдат дека тие го собориле авионот, но оваа информација засега не е потврдена.

Пилотот навреме се катапултирал од авионот и набрзо бил заробен од украинските сили.

Украинците и порано тврдеа дека собориле неколку вакви „сухои“, борбени авиони познати по импресивната способност за маневрирање. Овие тврдења, исто така, не можеа да бидат независно проверени.

Во секој случај, се работи за модерен руски борбен авион од 4 ++ генерација (само „Су-57“ може да се смета за помодерен, но тој де факто сѐ уште не е во сериско производство), прочуен по своите маневарски способности, опремен со напредна електроника и моќен пасивен електронски радар Ирбис-Е, кој може да лоцира и следи повеќе цели истовремено на голема далечина. Цената на авионот е огромни 80 до 85 милиони долари.

Авионот е вооружен со топ од 30 милиметри, има можност да носи 12 ракети воздух-воздух од различни дострели, а по потреба може да носи и бомби. Неговата максимална брзина е 2500 км/ч, а радиусот во кој може да се бори е 1600 км. Засега го користат само Русија и Кина (која купи 24 парчиња), а наводно го купил и Египет, но на крајот се откажал од зделката и се одлучил за францускиот „рафал“.