Русија им се заканува на Финска и Шведска околу членството во НАТО
Русија ги предупреди Шведска и Финска преку билатерални дипломатски канали за последиците од пристапувањето во НАТО, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
„Ги издадовме сите наши предупредувања и јавно и преку билатерални канали“, рече Захарова за телевизијата Русија 24.
„Тие [Шведска и Финска] знаат за тоа, нема да имаат што да се изненадат, тие беа информирани за сè, до што ќе доведе тоа“.
Финскиот парламент денеска ќе отвори дебата за тоа дали да се бара членство во НАТО, откако руската инвазија на Украина предизвика наплив на политичка и јавна поддршка за пристапување во воената алијанса.
И покрај предупредувањето на Русија за нуклеарно засилување на Балтикот доколку Финска и соседна Шведска се приклучат на воената алијанса, финската премиерка рече дека нејзината земја сега брзо ќе одлучи дали да аплицира за членство.
Шведска исто така разговара дали да поднесе кандидатура за членство по руската инвазија.