Рубљoв е првата голема жртва на Индијан Велс


Третиот светски тенисер и освојувач на Австралија Опен, Јаник Синер ја продолжи серијата победи во 2024 година и без поголеми проблеми обезбеди пласман во осминафиналето на Мастерсот во Индијан Велс.

Италијанецот беше подобар од Јан Ленарт Штруф со 2-0 (6-3, 6-4) за само 74 минути игра. По воведните 1-1 во првиот сет, Синер врза три гема што му беше доволно да поведе со 1-0. Во вториот имаше нешто поголема драма, Синер направи брејк во петтиот гем, Штруф за малку ќе вратеше во осмиот, но големиот фаворит, сепак, мирно го приведе мечот кон крај. Во осминафиналето, Синер ќе игра со Бен Шелтон.

Првата голема сензација на турнирот ја направи Јиржи Лехечка кој го елиминира Андреј Рубљов со 2-0 (6-4, 6-4) и стана првиот чешки тенисер по 2013 година кој успеал да победи топ-5 играч. Лехечка одигра фантастичен натпревар, направи минимален број грешки, одличен беше на сервисот и не му дозволи на својот ривал да дојде до ниедна брејк-топка. Во следната фаза, тој ќе се сретне со грчкиот тенисер Стефанос Циципас.