Рубио: Вашингтон е подготвен да разгледа „секаков механизам“ за постигнување крај на војната


Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави денеска дека Вашингтон е „нетрпелив“ во врска со постигнувањето напредок во мировните напори меѓу Украина и Русија и е подготвен да разгледа „секаков механизам“ за постигнување крај на војната.

„Mногу работа. Остануваме посветени на тоа. Очигледно, како и сите други сме нетрпеливи, сакаме да видиме тоа да се случи, но е тешко. Но, знаете, се надеваме дека наскоро ќе се постигне напредок тука“, рече Рубио на состанокот на НАТО во Турција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира денеска да се сретне со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во Анкара, а дури потоа да одлучи какви чекори ќе преземе во мировните преговори со Русија.

„Претседателот ја започнува својата посета со средба со Ердоган во Анкара и дури тогаш претседателот ќе одлучи за следните чекори“, рече украински функционер.

Руската делегација утрово пристигна во Турција за преговори за евентуално примирје со Украина, јавија руските медиуми.

Рускиот претседател Владимир Путин не е меѓу нив и покрај повиците од украинскиот претседател Володимир Зеленски тој да присуствува. Делегацијата ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински.

Во делегацијата се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција на Генералштабот Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.