Рубио најави сеопфатна реорганизација на амерканскиот Стејт департмент – затвора 132 канцеларии

Стејт департментот е преобемен, бирократизиран и неспособен за вршење на својата основна дипломатска мисија во новата ера на конкуренција меѓу големите сили, и затоа ќе биде сеопфатно реорганизиран, соопшти денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој укажа дека надворешополитичкиот орган на САД прилично окрупнал изминатите 15 години. Иако трошоците нагло пораснале тоа не резултирало во очекуван профит од инвестицијата. Наместо ефикасна дипломатија, даночните обврзници добиле услуга што, како што рече, повеќе ѝ служи на радикална политичка идеологија отколку на клучните национални интереси на Америка.
-За да ја реализираме надворешната политика на претседателот Трамп ‘Америка на прво место’, мора повторно да го направиме Стејт департментот голем, рече Рубио.
Тој најави реорганизацијата, што „ќе го внесе Департментот во 21-виот век“, и тоа преку консолидација на регионалните функции, укинување на дупликатите и елиминирање на програми што не се во согласност со стратешките приоритети на САД. Рубио изјави дека оваа промена ќе овозможи поголема ефикасност меѓу разните агенции, дирекции и амбасадите на САД ширум светот.
-Имаме врховен командант кој е посветен на тоа да ги стави Америка и Американците на прво место. Како негов државен секретар, уверен сум дека реформираниот Стејт департмент одговора на овој моментот, со што ќе помогне повторно да ја направиме нашата земја голема, додаде тој.
Со реорганизацијата на Стејт департментот предвидено е укинување на 132 канцеларии и 700 работни места
Државниот секретар на САД Марко Рубио денеска го објави првиот дел од обемниот план за реорганизација на Стејт департментот, кој предвидува укинување на 132 домашни канцеларии, намалување на околу 700 работни места во Вашингтон и затворање на канцеларии посветени на воени злосторства и глобални конфликти, според висок функционер на Стејт департментот и документи до кои дојде Си-Ен-Ен.
Според Стејт департментот, овие промени се неопходни за да се зачува ефикасноста и релевантноста на институцијата. Висок функционер го опиша тековниот организациски дијаграм на департментот како „преобемен“, истакнувајќи дека тој има „штетно влијание врз надворешната политика“. Иако промените нема да доведат до моментални отпуштања, функционерот нагласи дека некои службеници би можеле да ги загубат своите позиции. Како дел од реорганизацијата, се очекува да бидат укинати 700 работни места во седиштето во Вашингтон.
„Денеска е денот. Под водство на претседателот и по моја насока, го укинуваме децениското бирократско оптоварување во Стејт департментот. Овие далекусежни промени ќе им овозможат на нашите талентирани дипломати да ги стават Америка и Американците на прво место“, напиша Рубио на платформата Икс.
Целта на реорганизацијата е департментот да се преструктурира во согласност со приоритетите на администрацијата, при што вкупниот број на канцеларии ќе се намали од 734 на 602. Првичниот фокус на предлогот е на домашните канцеларии, додека амбасадите и конзулатите во странство не се засегнати во оваа фаза. Сепак, гласините за предложените промени предизвикаа загриженост и вознемиреност меѓу вработените во Департментот, пишува Си-Ен-Ен.
Предлогот за реорганизација не навлегува во детали, туку им наложува на заменик-секретарите да изготват планови за имплементација на промените до 1 јули, според меморандумот што денеска заменик-државниот секретар Кристофер Ландау го испрати до вработените.
Планот за реорганизација се развива од почетокот на администрацијата на Доналд Трамп, а се очекува дека ова не се единствените промени, особено кога станува збор за меѓународните дипломатски претставништва.