Рубио: Европските лидери не доаѓаат за да спречат Зеленски да биде малтретиран од Трамп

Во безбедносните гаранции од САД за Украина веќе никој не верува, иако Трамп „игра“ на таа карта


Американскиот државен секретар, Марко Рубио, кој учествуваше на средбата на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин во Аљаска, оцени  дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.

-Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат – рече Рубио, додавајќи дека „можеби дури и да не биде можно САД да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.

Меѓутоа, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор. Тој додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.

Тоа што на средбата со Володомир Зеленски во Вашингтон ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот и финскиот претседател, германскиот канцелар, британскиот премиер, италијанската премиерка, како и генералниот секретар на НАТО, за Рубио не е заради потребата да го заштитат украинскиот лидер од Трамп. 

-Европските лидери не доаѓаат за да  спречат Зеленски да биде малтретиран. Знаете ли колку состаноци имавме од тогаш ( од скандалозната прва средба во Белата куќа)?, порача Рубио, по констатацијата на новинарот дека во Алјаска му послале црвен тепих на Путин, со сугестија – што да очекува после тоа? 

Украинскиот претседател и денеска се изјасни дека е клучно Европа да остане обединета како што беше во 2022 година, кога започна целосната руска инвазија, бидејќи само тогаш ќе биде можно да се постигне „вистински мир“.

-Путин има многу барања, но не ги знаеме сите – рече Зеленски, додавајќи дека ќе биде потребно време да се разгледаат, но дека е „невозможно да се направи тоа под притисок на оружје“.

Тој го повтори вчерашниот европски заеднички став дека е потребен трилатерален самит на Украина, Русија и САД, но дека „Русија не покажува знаци дека се согласува на такви разговори“.

-Доколку Русија одбие, тогаш мора да следат нови санкции – рече Зеленски.

Русија окупира речиси една петтина од Украина, вклучувајќи го целиот Кримски полуостров и големи делови од источниот регион познат како Донбас. Трамп им рече на европските лидери по состанокот во Алјаска дека мирот може брзо да се постигне ако Зеленски се согласи да го предаде остатокот од Донбас. Во својата изјава во неделата, Зеленски суптилно ја отфрли идејата – не директно, туку потсетувајќи дека руската анексија на Крим во 2014 година и инвазијата на источна Украина послужија како предупредување.

„Сите споделуваме силна желба да ја завршиме оваа војна брзо и сигурно“, напиша тој. „Но, мирот мора да биде траен. Не како пред неколку години, кога Украина беше принудена да се откаже од Крим и дел од нашиот исток – дел од Донбас – и Путин едноставно го искористи тоа како појдовна точка за уште еден напад.“

Зеленски, исто така, потсети дека таканаречените безбедносни гаранции што Украина ги доби од Русија, САД и Велика Британија според договорот од 1994 година – во замена за трансфер на советскиот нуклеарен арсенал на Русија – не функционираа.

„Крим, секако, не требаше да се препушти тогаш, исто како што Украинците не се откажаа од Киев, Одеса или Харков по 2022 година“, напиша тој, осврнувајќи се на целосната инвазија на Русија таа година.

Инаку, фамозните гаранции на кои се повикуваат и Путин и Трамп се веќе видена работа и не функционираат. Напротив, токму Трамп покажа дека потписот на хартија не вреди кога е во прашање гаранцијата од САД. Русија и да не се споменува. 

Со  Будимпештанскиот меморандум од 19904 година, зад која безбедносни гаранции дадоа САД и Обединетото Кралство,Украина се откажа од нуклеарното оружје. Кога Русија изврши инвазија, тие гаранции не значеа вистинска заштита.

– Будимпештанскиот меморандум не беше само ракување. Тоа беше политичка обврска.
Украина му веруваше на Западот. И кога Русија нападна во 2014 година – и повторно во 2022 година – тие гаранции исчезнаа.  Да бидеме искрени: Украина никогаш не требаше да се откаже од своите нуклеарни оружја. Доколку ги задржаше, Русија никогаш немаше да се осмели.
Неуспехот на Западот да дејствува решително стави до знаење едно нешто: Одвраќањето функционира. Дипломатијата не функционира – ако не е поткрепена со сила.

 Овој неуспех не само што ѝ штети на Украина, туку и го уништува кредибилитетот на нуклеарното разоружување. Зошто која било земја би се откажала од нуклеарно оружје сега?
Северна Норвешка, Иран, други – тие ја научија лекцијата. Нуклеарното оружје значи опстанок. Ветувањата не значат ништо.

САД и Велика Британија не прекршија догово, но тие ја прекршија довербата. Имаа шанса да покажат дека безбедносните гаранции значат нешто.Наместо тоа, тие му покажаа на светот дека зборовите без акција се безвредни.  Најголемата грешка на Украина беше верувањето дека светот ќе ја заштити. Се откажа од својот врвен штит за дипломатски труд. Сега се бори сама. Будимпештанскиот меморандум е предупредување – а не модел. Будимпештанскиот меморандум е мртов, а со него и надежта за побезбеден свет, напиша експерт за руско-украинските односи на „Х“.