Рубини: На глобалната економија и се заканува „Поголема депресија“


Иако властите ја спасија глобалната економија по финансискиот крах во 2008 година, Рубини сега вели: „Овој пат можеби нема да бидеме толку среќни“

 

Новиот корона вирус ќе ја уништи глобалната економија и може да ја втурне во историска депресија, предупреди економистот Нуриел Рубини во колумна заПроџект синдикејт“. „Најдобриот економски исход на кој може да се надева секој е подлабока рецесија од онаа што следеше по финансиската криза во 2008 година“, пишува професорот од Бизнис школата Стерн на универзитетот во Њујорк, кој е познат и по прекарот „Д-р Дум“ поради неговите песимистички предвидувања.

Рубини тврди дека преземените мерки за јавното здравје, неконвенционалната монетарна политика и масовни трошења на владите, се неопходни за економијата да закрепне во четвртиот квартал.

Рубини тврди дека влијание на пандемијата за само три недели го надминал економскиот пад на финансиската криза и на Големата депресија во текот на три години.

Американската берза падна повеќе од 20 отсто, процените на Голдман Сакс се дека бројот на невработени се зголемил на рекордни 2,2 милиони минатата недела, а повеќе големи банки предвидуваат рецесија во САД и глобален пад во наредните месеци.

Флеш-анкетите на менаџерите за набавки во Франција, Германија, Велика Британија и во еврозоната сугерираат дека комбинираната активност на производството и на услугите овој месец доживеа рекорден пад.

„Дури и за време на Големата депресија и во Втората светска војна најголемиот дел од економската активност буквално не се затвори, како што тоа се случува сега во Кина, САД и во Европа“, вели Рубини во колумната.

Најдоброто сценарио е враќање на растот во четвртиот квартал од оваа година, вели познатиот економист.

Сепак, Рубини предупредува дека за такво нешто ќе бидат неопходни три работи. Прво, најтешко погодените земји мора да спроведат масовно тестирање за Ковид-19, да спроведат карантин, да ги заклучат своите популации и да ги искористат антивирусните и другите терапии „на масовно ниво“. Второ, централните банки „мора да продолжат со неконвенционални кризни мерки“, спуштајќи ги каматните стапки и под нулата, односно со негативни каматни стапки и да ги прошират кредитните олеснувања за деловните активности од сите големини. Трето, владите мора да се вклучат со „масивен фискален стимул“, преку директни плаќања во готовина за домаќинствата и зголемувајќи ги буџетските дефицити, финансирани од централната банка, на 10 отсто или повеќе.

Рубини предупредува дека брзото закрепнување изгледа малку веројатно бидејќи реакциите на јавното здравство во САД и во другите земји „се далеку од тоа што е потребно“, а пакетот за стимулации што го договараат демократските и републиканските сенатори го разочарува бидејќи не е „ниту доволно голем, ниту доволно брз.

„Ризикот од нова Голема депресија, која ќе биде полоша и од оригиналот, односно ризикот за Поголема депресија – се зголемува секој ден“, предупредува Рубини.

Економистот предвидува дека економиите и пазарите ќе го „продолжат слободниот пад“ доколку државите не се справат со корона вирусот. Тој додаде дека закрепнувањето би можело да запре оваа зима ако корона вирусот мутира, ако терапиите потфрлат, доколку трошењата на владите ја подбуцнат инфлацијата, или доколку земјите во развој не се во можност да позајмуваат доволно во своите сопствени валути.

Покрај тоа, Рубини тврди дека претседателските избори во САД и споровите со Кина, Русија, Иран и Северна Кореа претставуваат дополнителни закани за глобалниот развој.

Ваквиот, како што вели, ‘трифект’ на ризици – несопрената пандемија, недоволни арсенали на економската политика и геополитичките ‘бели лебеди’ – ќе ја втурнат глобалната економија во постојана депресија и ќе го забрзаат пропаѓањето на финансиските пазари.

„После крахот во 2008 година, силниот (иако задоцнет) одговор ја извлече глобалната економија од бездната“, додаде Рубини. „Можеби нема да бидеме толку среќни овој пат“.