Романите на Агата Кристи претрпеа цензура и бришење на расни референци


Голем број романи на Агата Кристи се одново напишани поради модерни чувствителности, и во нив се отстранети расистички термини и изменети се делови од текстот, пишува Индепендент.

Веста доаѓа неколку недели откако книгите на Роалд Дал и Јан Флеминг беа слично уредени следејќи ги сензитивните критики.

Мистериите на Поаро и на Мис Марпл претрпеа уредувања така што оригиналните пасуси или се преработени или се отстранети во новите изданија објавени од Харпер Колинс, објави Телеграф.

Овие нови изданија или биле веќе објавени во 2020 година или треба да бидат наскоро објавени.

Во 2020 година, по повод сто години од творештвото на Кристи, „Арс Ламина“ објави едиција со 12 најзначајни нејзини детективско-криминалистички дела

Телеграф известува за бројни промени на делата од 1920 до 1976 година, при што пасусите што содржат описи, навреди или референци за етничката припадност се изменети – особено за ликови кои не се од Британија.

Променет е и вокабуларот. Терминот „ориентален“, на пример, е отстранет, заедно со други расни описи во некои случаи.

Во романот „Смрт на Нил“, пасусот во кој се опишува црн слуга како насмеан затоа што ја разбира потребата да молчи за некој инцидент, повеќе не кажува дека е Црнец или се смешка. Наместо тоа, тој едноставно „кимнува со главата“.

Во новото издание на романот „Мистерија на Карибите“ (1964), нараторот ги пофалува „прекрасните бели заби“ на еден хотелски работник од Западна Индија. Ова сега е отсечено, заедно со слични референци за „убави заби“.

Истата книга, исто така, повеќе не опишува женски лик со „торзо од црн мермер во кој што би уживал скулпторот“.

Отстранет е и пасус во кој ликот не гледа црна жена во грмушките ноќе.

Дебитантскиот роман на Кристи од 1920 година „Мистериозниот случај во Стајлс“ е изменет така што коментарот на Поаро за друг лик „секако, Евреин“, повеќе не се појавува.

Една млада жена опишана како „од цигански тип“ сега се нарекува само „млада жена“.

Во оригиналната збирка раскази од 1979 година, „Последните случаи на Мис Марпл“, Кристи пишувала за лут судија со „неговиот индиски темперамент“. Ова сега гласи „неговиот темперамент“.

Референците за „домородци“ или се заменети со „локални“ или се целосно отстранети.

Книгите на Кристи беа претходно изменети. Нејзиниот роман од 1939 година „И тогаш немаше никој“ првично беше објавен под друг наслов кој вклучуваше расистички термин.

Минатиот месец беше објавено дека книгите на Роалд Дал исто така се пишуваат одново за да се отстрани јазикот кој се смета за навредлив.

The Queen Consort го принуди издавачот Puffin да отстапи од својата цензура откако интервенираше во спорот околу одлуката за уредување на зборовите на Дал.

Набргу потоа, беше објавено дека романите за Џејмс Бонд на Иан Флеминг исто така се уредуваат, со бришење на расни референци и расистички јазик.