Родители и полиција патролираа синоќа во Крива Паланка


Полициски службеници, родители и членови на локалниот совет за превенција од Крива Паланка синоќа извршија обиколка на најпосетуваните места во општината каде во ноќните часови се задржуваат младите.

Во координација со локалната самоуправа, меѓуопштински центар за социјална работа, Црвен крст и родители членови на совет на родители при образовните институции,во Полициската станица од општа надлежност се разгледуваше и дискутираше за безбедносната состојба во градот.

– Посетивме повеќе јавни места во градот, градскиот парк, објекти на музичко училиште,градинка, гимназија, ОУ „Илинден”, каде во ноќните часови се собираат и задржуваат групи малолетници.Обиколка е направена и на повеќе угостителски објекти во кои се забавуваат малолетни лица и каде најчесто можат да бидат под влијание на пороци, информира Стојмир Стефановски од ПС ОН Крива Паланка.

Целта на мешаните патроли е да се запознаат родителите и останатите институции со однесувањето т.е. поведението на малолетните лица.

– Главната цел на оваа активност е да се подигне свеста кај родителите за начинот на кој малолетниците по напуштањето на домот во вечерните часови заради забава и разонода го минуваат слободното време, додаде Стефановски.

Ова е традиционален начин на укажување и превентивно делување на отсекот за превенција на СВР Куманово- ПС ОН Крива Паланка во соработка со локален совет за превенција при општина Крива Паланка со кој претседава градоначалникот Борјанчо Мицевски.

На овој начин полициските служби и надлежните институции работат на спречување девијантно однесување на младите за време на летниот распуст, пракса која се реализира во текот на летната туристичка сезона.