Рекордни 10.000 учесници го одбележаа јубилејното „Вози право, вози здраво“
Центарот на Скопје во саботата беше обоен во боите на радоста, насмевките и позитивната енергија на илјадници луѓе кои заедно испратија моќна порака за здрав живот и грижа за животната средина. Јубилејното десетто издание на настанот „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка донесе рекордни 10.000 пријавени учесници и уште еднаш потврди дека станува збор за еден од нашите најомилени и најмасовни настани во земјата.
Во преполниот Градски парк, 10.000 учесници заедно со групата „Допамин“ го приредија најголемото караоке шоу досега, изведувајќи ја химната на „Вози право, вози здраво“, специјално напишана и компонирана за ова јубилејно издание.

Уште на самиот старт, просторот кај Порта Македонија беше исполнет со семејства, деца, рекреативци и вљубеници во активниот начин на живот, а за атмосферата беше задолжен диџеј Коко. Велосипеди, тротинети, ролерки, скироли и бебешки колички се наредија на стартната позиција, а долгата колона учесници се движеше низ централното градско подрачје кон Градскиот парк. Насмеани лица и добро расположение ја следеа целата рута.

За одличната атмосфера во текот на целиот настан се погрижија водителите Марко Марк и Дaниела Станоевска Џидрова, заедно со актерот Гораст Цветковски, кои со својата енергија ги водеа илјадниците учесници низ програмата. На сцената традиционално беше присутен и Цако, долгогодишен пријател и поддржувач на настанот, кој повторно беше меѓу најзаслужните за насмевките на најмладите посетители, а беше и диџеј Иван кој е дел од овој настан уште од првото издание.
Најмладите уживаа во дружењето со омилениот Петко и јунаците од 5+ Фамилија, додека сетовите на диџеј Иван ја одржуваа енергијата на високо ниво до самиот крај на настанот.

Посебна возбуда предизвика традиционалната лотарија, која оваа година донесе најбогат награден фонд во историјата на „Вози право, вози здраво“. Среќните добитници заминаа дома со 10 Specialized велосипеди за деца, 10 GoPro камери, еден Specialized Road Bike, 10 Specialized велосипеди за возрасни, 10 Apple Watch часовници и 10 комплети велосипедска опрема што вклучуваа кацига, синџир за заклучување и предно и задно светло.
„Вози право, вози здраво“ е многу повеќе од рекреативен настан или ревијална трка. Тој стана симбол на заедничка грижа за поздрава животна средина, подобар квалитет на живот и развој на велосипедската култура во градот.