Рекорден број мигранти го преминале Ла Манш во првите четири месеци од годинава


Бројот на мигранти кои пристигнале во Велика Британија откако го преминале ла Манш достигна ново рекордно високо ниво за првите четири месеци од годинава, и е зголемен за 27 проценти во однос на 2023 година.

Вкупно 7.567 луѓе го преминале каналот до април, покажуваат привремените бројки на британското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Ова е за 27 проценти повеќе од бројот на пристигнувања регистрирани во првите четири месеци од минатата година (5.946) и зголемување од 13 отсто во споредба со бројките регистрирани за истиот период во 2022 година (6.691).

Вкупно 268 луѓе вчера пристигнале во Велика Британија со пет чамци, а преминувањата продолжуваат и денеска.

Околу 2.132 луѓе патувале со 42 чамци во април, што укажува на просечно 51 лице по пловило минатиот месец.

Ова е повисоко од просекот за март – 48 луѓе по чамец – но пониско од врвот што изнесувал 56 луѓе по брод во септември 2023 година.