Рама не гледа проблем за уставните измени, и тој ги признал Бугарите во Албанија

Според премиерот Ковачевски, лидерот на Левица Димитар Апасиев го држи во заложништво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски 


 

Толку често комуницираме што заедно овде сме како дома, оцени денес премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, по втората меѓувладина конференција што се одржа во Скопје. И двајцата мораа да се повторуваат – Ковачевски околу дилемата дали како ќе најде поддршка за уставните измени, а Рама околу отпорот во неговата земја на неговата посветеност на Отворен Балкан и на добрите односи со Србија. 

За Ковачевски сѐ беше јасно: дека и двајцата како лидери покажале храбро и одговорно лидерство, заблагодарувајќи му се на Рама што нѐ поддржал и кога Брисел ни кажа „не“ за преговорите, и кога ни кажа „да“. Оценувајќи дека пријателите на мака се познаваат, тој рече дека е добро да се има пријател како Албанија и дека тој лично засекогаш ќе ја памети поддршката што ни ја даде за евроинтеграцијата

За опозицијата, сепак, немаше пофални зборови. Според премиерот, вистинска опасност за продолжување на европскиот пат на Македонија доаѓа од една политичка партија која во својата програма се противи на приемот во ЕУ, на НАТО и на Отворен Балкан, а таа партија со  нејзиниот лидер Димитар Апасиев го држи во заложништво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е слаб, без став и без визија. Затоа тој е заложник на Апасиев, а на таков политички пироман не смее да му се дозволи  да го прекине европскиот пат на државата“, рече Ковачевски. Според премиерот, европскиот пат на Македонија сега зависи само од нас. Уставните промени се за да продолжат преговорите, а во Собранието има 120 пратеници кои можат да ги изгласаат. Тие, рече тој, имаат одговорност пред своите деца, пред децата на своите пријатели да им обезбедат иднина, т.е. членство во ЕУ. 

„Тој пат нема да биде лесен, но на неговиот крај е големата награда, членството во Унијата. Македонците, со македонски јазик и  со македонски идентитет ќе бидат членови на ЕУ, и што е најголемата награда – ќе бидат побогати“, рече Ковачевски. Затоа очекува сите пратеници да бидат на ниво на задачата и да ги изгласаат уставните промени кои ќе ни овозможат да се движиме брзо кон ЕУ. 

Околу прашањето дали Албанија ќе продолжи со преговорите (?) ако не поминат уставните измени кај нас, албанскиот премиер рече дека само слабост и кратковидост можат да ги вратат недоразбирањата што беа пречка Македонија да почне преговори, нагласувајќи дека македонскиот устав и сега вборојува повеќе малцинства, па тој модел само се надополнува. Тој потсети дека и Албанија признала бугарско малцинство во земјата.

„Нивниот број е скромен, но постојат и не се некоја закана за земјата. Во наш интерес е исто така тие да се чувствуваат што подобро во земјата и еднакво со останатите граѓани. Народот е попаметен од политичарите и нема да заборави што се се случи под зборот ‘патриотизам‚. Северна Македонија нема да се врати во минатото и нема да се самоизолира на внатрешен план Направивте епохални напори во однос на евроинтеграцијата и ќе биде фатално ако тргнете назад“, рече Рама, порачувајќи на крајот дека  ниту еден граѓанин не треба да се остави надвор од уставот на земјата. 

За билатералните односи со Македонија, Рама рече дека никогаш не биле подобри од сега, најавувајќи реализација на три заеднички енергетски проекти – суво пристаниште во Струга, нов граничен премин и изградба на модерен пат до Тирана во рамките на Коридорот 8. Бранејќи се од недоверливоста кон Отворен Балкан тој рече дека силата е во единството и дека земјите во регионот немаат интерес да се бават веќе со минатото. Отворен Балкан не е ништо друго освен заживување и забрзување на Берлинскиот процес, тврдеше Рама, додавајќи уште повеќе дека Берлинскиот е отворен, но не е доживотен, а е Отворениот Балкан. Ковачеваски дополни дека двата процеси не се исклучуваат туку напротив, дека основите на кои почива Отворен Балкан се четирите слободи на кои почива Унијата. 

„Тоа што го потпишавме во Берлин веќе беше потпишано на Отворен Балкан. Отворениот Балкан не треба да плаши никого. Единствените граници што се останати во Европа се овие во  нашиот регион, рече Ковачевски, па како илустрација кажа дека документите од Берлинскиот процес се депонирани кај нас во Македонија, а следниот самит на Берлинскиот процес ќе го организира Албанија. 

„Е, за ова јас велам дека е успех“, порача премиерот Ковачевски. 

На крајот, на новинарско прашање тој најави дека побарал извештај од институциите што дале позитивно мислење околу аферата со македонскиот пасош на Украинецот  Олександр Онишченко и дека опозицијата, ако сака да добие одговор на прашањата, да свика седница на Комисијата за надворешни работи на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, ќе ги престави приоритетите за своето амбасадорување во Париз. (С.Ј.)