Рама: Ќе бидеме лојални на ЕУ дури и ако исчезне

Урсула фон дер Лајен порача дека на самитот во Тирана имало јасна порака на заедништво и партнерство и дека разговорите се воделе искрено и отворено


 

Албанскиот ремиер Еди Рама, на прес конференцијата по самитот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, го поврза одржувањето на самитот во Тирана со фактот дека , според Евробарометар, Албанците се нај про-ЕУ нација во Европа.  

„Ние ќе ѝ бидеме лојални на ЕУ, дури и ако исчезне. И тогаш ќе се бориме за неа“, порача Рама, откако претходно тврдеше дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се доживуваат како „богови“ во неговата земја.  

Таквиот дочек секако беше награден од Европската унија, која е научена главно да ја критикуваат место да ја фалат. Како што обави Рама, еден од резултатите на самитот е одлуката да се отвори кампус на Европскиот колеџ од Бриж во Тирана, нешто што досега се направило  само во Полска.

Рама, кој заедно со Дер Лајен и Мишел зборуваа на прес-конференцијата во име на сите лидери, најави исто така уште една, како што реше, прекрасна вест – дека младите од Западен Балкан отсега ќе можат онлајн да студираат на сите европски универзитети, нешто што досега можеле да го прават само студентите од Европската унија. Тој ја повтори исто така веста дека жителите на Западен Балкан наскоро ќе можат по многу намалени тарифи да се вклучат во роаминг мрежата на ЕУ, нешто што според Мишел ќе биде голем мпоттик и за бизнисот во регионот. 

Претседателката на Европската комисија, пак, порача дека на самитот имало јасна порака на заедништво и партнерство и дека разговорите се воделе искрено и отворено. Како главна тема таа ја посочи енергијата, соопштувајќи дека ЕУ обезбедила една милијарда евра помош за регионот за да се надмине актуелната криза, од кои половина како директна буџетска поддршка на земјите што ќе заврши кај домаќинствата и компаниите, а половина како инвестиции во, како што рече, „енергија на иднината“, споменувајќи фотоволтаици, интерконектори, хидроцентрали, соларни панели  и зголемување на енергетската ефикасност на болници, училишта и дуги институции. 

40 проекти за 1,5 милијарди евра

„Одобрени се и 40 суштински проекти поврзани со транспорт, чиста вода и преработка на отпадни води, во вредност од 1,5 милијарди евра. Економскиот и инвестицискиот план е на добар пат“, рече таа.

Дер Лајен порача дека земјите членки со цело срце ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјите од регионот и изрази задоволство што конечно имаше нов моментум во процесот на преговори со Македонија, што го нарече историски. Таа ги поздрави и договорите за создавање регионален пазар и за полесно движење на производите и работната сила на Западниот Балкан, а околу миграцијата рече дека ќе се менаџира заеднички со Унијата.

За  Мишел самитот беше клучен и покажал големо ниво на почитување и доверба меѓу земјите во регионот и ЕУ, оценувајќи дека воената агресија во Украина го сменила политичкиот пејсаж и покажала на Унијата колку е важен регионот за стабилноста на Европа. 

Рама не штедеше комплименти и за двата функционера, порачувајќи дека земјите во регионот никогаш немале други претседатели на Советот и на Европската комисија кои биле решени да се залагаат и да притискаат толку многу за регионот. Тие пак беа егзалтирани од фактот колку брзо успеала Тирана да го организира самитот и од фолклорниот аспект на дочекот.

 

Албанските новинари и на прес-конференцијата покажаа србофобија, меѓудругото и со прашањето дали Тирана е избрана како место каде ќе се одржи самитот на ЕУ поради тоа што е најмногу проевропска земја од сите во регионот или затоа што Србија е про-руска. На тоа Рама рече дека балкански начин да се одговори на ова прашање е да се каже дека Албанците се најдобри, најстари и најлојални на ЕУ, но нема да го каже тоа. Тој исто така оцени дека не е фер забелешката дека Русија треба да нѐ бомбардира за ЕУ да  се заинтересира за регионот, тврдејќи дека поактивното присуство на Унијата е резултат на прогресот направен во земјите тука, а не на војната во Украина.

На пораката кажана претходно дека Албанците ќе ѝ останат лојални на ЕУ дури и ако исчезне, Мишел му реплицираше дека „немаат таква намера“, на што Рама додаде – подготвени сме да ја заштитиме и од вас, сакајќи да покаже колкава вредност има членството за земјите на Западен Балкан.     

„Длабоко верувам дека нашите деца ќе имаат побезбедна и попросперитетна иднина со Западен Балкан во ЕУ. Тоа заедничко верување не собра овде за да работиме на заеднички проекти“, порача притоа Мишел.

Според него, секој од нас има задача  да ги унапреди реформите во владеењето на правото, реформите во судството и борбата против корупцијата, а  ЕУ треба да ги поддржи овие реформи на опиплив начин, нагласи тој.

Во однос на миграцијата, Мишел нагласи дека оваа тема е многу „деликатна, чувствителна и предизвикувачка“, а ЕУ се соочила со тешкотии во овој домен.

„Затоа соработката со Западен Балкан е фундаментална за сите нас и би сакал да изразам благодарност што во последните денови успеавме да постигнеме напредок со усогласувањето на визната политика. Потребни се дополнителни одлуки во деновите што доаѓаат, но јас сум оптимист и уверен дека ќе биде постигнат напредок“, нагласи Мишел. 

Балканските и европските универзитети

Во соопштението на ЕК по самитот стои дека лидерите договориле заедничка декларација и дека ја потврдиле перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан и стратешкото партнерство на ЕУ со регионот. 

„Организирањето на Самитот за првпат во регионот е јасен знак за силната посветеност на ЕУ кон Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ. Лидерите на ЕУ ја потврдија целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во Европската унија на Западен Балкан. Тие повикаа на забрзување на процесот на пристапување врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствени заслуги. Ескалацијата на руската агресивна војна против Украина го става на ризик европскиот и глобалниот мир и безбедност. Тоа ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

Самитот дополнително беше можност да се разгледа напредокот во спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план од речиси 30 милијарди евра, фокусиран на водечки проекти во зелената и дигиталната транзиција, одржливиот транспорт, чистата енергија, поддршката на приватниот сектор и развојот на човечкиот капитал за да се помогне премостување на социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и ЕУ. ЕУ досега има усвоено финансирање за 40 водечки проекти во транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција и развојот на човечкиот капитал, со поддршка од 1,8 милијарди евра од ЕУ и вкупна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра. Ова вклучува 12 инвестициски проекти усвоени на 5 декември, од кои 6 проекти во енергетскиот сектор се забрзани благодарение на пакетот енергетска поддршка од 1 милијарда евра, составен од два столба:

-До 500 милиони евра итна поддршка за сите партнери од Западен Балкан за амортизирање на зголемувањето на цените на енергијата за бизнисите и ранливите домаќинства, што е одобрено и ќе биде подготвено за исплата на почетокот на 2023 година.

-До 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност.

Пакетот опфаќа надополнување на Регионалната програма за енергетска ефикасност за енергетски ефикасно реновирање на приватни и јавни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три шеми за грантови за енергетска транзиција во приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновливите извори на енергија и енергија ефикасност. Се очекува да мобилизира до 2,5 милијарди евра вкупни инвестиции во соработка со меѓународни финансиски институции.

Лидерите, исто така, беа сведоци на потпишувањето на декларацијата на претставниците на телекомуникациските оператори од ЕУ и од Западен Балкан за првото доброволно намалување на трошоците за роаминг помеѓу регионот и ЕУ, почнувајќи од октомври 2023 година. Европската комисија и Советот за регионална соработка го олеснија преговорите за договорот и одлуките за дополнителни намалувања се очекуваат во мај 2023 година.

Конечно, Самитот беше можност да се разговара и да се продлабочи соработката на ЕУ со регионот во управувањето со миграцијата, сајбер безбедноста, образованието и младите. Комисијата неодамна одобри финансирање од 70 милиони евра за да помогне во подобрувањето на способностите за управување со границите и да се засили борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан.

ЕУ, исто така, ја зајакнува својата помош и соработка со Западен Балкан за зајакнување на сајбер отпорноста по серијата големи сајбер-напади во регионот, вклучително и преку нова програма од 5 милиони евра за целиот регион, која треба да започне на почетокот на 2023 година.

Универзитетите од Западен Балкан, исто така, ќе бидат вклучени во иницијативата за европски универзитети во рамките на Еразмус + на еднаква основа со земјите-членки на ЕУ, за да се создадат дополнителни можности за младите луѓе“, стои во соопштението на ЕК.

„Цените на роамингот ќе паѓаат заедно со паѓањето на лисјата следната есен, но тоа е само почеток на процесот. Крајната цел е намалувањето на цените на роамингот помеѓу ЕУ и Регионот на приближно исто ниво со домашните цени“, изјави Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) по самитот.

Тоа, според неа, тоа практично значи дека секој телеком оператор од ЕУ и од регионот кои се потписници на Декларацијата ќе ги разгледаат тарифните планови и можностите за помали малопродажни цени за своите корисници во роаминг во другите мобилни мрежи, додека првото значително намалување на цените на услугите на пренос на податоци во роаминг ќе стапат во сила од први октомври 2023 година. Важно е, притоа, креаторите на политиките на Западен Балкан да ги забрзаат реформите на политиките за телеком секторите во согласност со заклучоците од Дигиталниот самит на Западен Балкан 2022 година, а со цел создавање на заеднички регионален пазар и поттикнување на деловното опкружување. Државите од Западен Балкан овие реформи треба да ги спроведат најдоцна до крајот на 2023 година.