Мицкоски прати некои луѓе од СДСМ на лекарски преглед. Оттаму му одговорија дека зборува како „уличар“


 

Се зголемува степенот на навредите на македонската политичка сцена. Премиерот е еден од тие што го дава тонот на тој бран.

Денеска Христијан Мицкоски, како и неколку пати порано, испрати некои луѓе од раководството на СДСМ (не спомена кои) на лекарски преглед за да добиеле уверение да се занимаваат со политика. Од СДСМ му одговорија дека зbорува со „речник на уличар“, а како премиер „безобразно и примитивно“.

Одговарајќи на прашање на неговиот сопартиец Бојан Стојаноски за обвинувањата што стигнуваат од СДСМ (особено за случајот со интервјуто на известувачот Томас Вајц) Мицкоски рече дека сѐ што правел СДСМ е да „остане во живот“.

„Тоа го прават преку лажење, па кој поверува – поверува. Тоа говори за длабоката психолошка состојба во која се наоѓаат. Кога ќе видите какви пораки праќаат и што зборуваат, загрижен сум за здравствената состојба на поединци во актуелното раководство на СДСМ. Јавноста е сведок на кампања и речник што не ѝ прилега на политичката сцена во Македонија“, рече Мицкоси и нагласи дека можеби треба да се бара лекарско (уверение) за пристапување во органите на партиите. Според него Македонија била „држава за пример во регионот“.

Од СДСМ му возвратија дека Мицкоски треба да се грижи за своето здравје. Тој „повторно покажа каков е, безобразен уличар, шеф на криминална организација.

Наместо да зборува за проблемите на граѓаните, тој излегува со ниски, уличарски провокации и „загриженост“ за здравствената состојба на дел од раководството на СДСМ.

Ние не сме загрижени за неговото здравје. Ние сме загрижени за здравјето на државата кое тој и неговата банда систематски го уништуваат.

Мицкоски е човекот кој граѓаните ги нарекува ‘талог на општеството’, ‘медиокритети’ и ‘мочуриште’.  Ова е речник на уличар која од функцијата претседател на Влада се однесува како шеф на мафија, безобразно, примитивно. Доста е повеќе од неговите ниски провокации и лични напади. Мицкоски нека се грижи за својата совест, ако воопшто ја има“, реагираа од СДСМ.