Арбен Фетаи не е веќе во Владата, но изгледа уште зема плата како вицепремиер
Откако вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, вчера на Фејсбук објави една опуштена фотографија снимена во Бангкок, главниот град на Тајланд, главното прашање е дали тој сѐ уште прима плата, иако речиси два месеци не доаѓа на работа.
„Независен“ испрати прашање до портапролката на Владата Марија Митева, дали Фетаи сѐ уште е на платниот список на Владата. И ако прима паричен надомест како вицепремиер, а не ја работи неговата работа, до кога ќе трае тоа.
Од одговорот на прес-службата на Владата јасно е дека вицепремиерот и натаму формално сѐ уште е член на Владата, иако фактички не е. А штом е министер нему му следува и плата. Во одговорот се наведува дека Фетаи ќе биде опфатен со претстојната реконструкција на владата и дека таа функционира како колективно тело.
Еве го одговорот од Владата за „Независен“:
„Во однос на индивидуалните активности и дневни агенди на министрите, секторот за односи со јавност не води детална евиденција за приватни или работни распореди надвор од формалните институционални обврски.
Секој носител на јавна функција има лична одговорност пред јавноста и за тоа треба директно да одговори за што ве упатуваме прашањата да ги насочите директно кон носителот на јавната функција.
Она што е важно да се потенцира е дека Владата функционира како колективно тело непречено и со полн институционален капацитет. Сите одлуки се носат навремено, процесите се одвиваат без застој и нема никакво нарушување во извршувањето на владините политики.
Во однос на конкретниот министер, веќе јавно беше соопштено дека ќе биде опфатен со претстојната реконструкција на Владата. Тоа е институционалниот механизам преку кој се оценува работата и се прават соодветни кадровски прилагодувања“.
Премиерот Христијан Мицкоски пред една недела во интервју за Сител потврди дека Фетаи фактички веќе не е дел од владата што тој ја предводи.
„Со Фетаи се видовме пред неколку недели и во разговор ми рече дека тој повеќе не се следа во овој состав на владата кој јас го предводам“, рече премиерот.
Фетаи наводно му рекол на премиерот дека сака да се врати во Брисел, од каде што дојде на предлог на „Вреди“ да биде вицепремиер. „Јас му предложив дека би сакал да го искористиме да работи нешто за владата односно да биде наш специјален преставник во Брисел. Размислувам како да го ангажираме“, рече Мицкоски.
Дека Арбен Фетаи фактички не е дел од владата прво спомена поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за Телма, велејќи дека си заминал во Брисел. Таа информација подоцна ја потврди и министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ кога кажа дека вицепремиерот за добро владеење веќе еден месец на доаѓа на работа и не знае дали е тука или некаде отпатувал. И Арбен Фетаи и Азир Алиу беа дел од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кога влегоа во владата.