Мицкоски рече дека луѓето отишле на Марс. Никој не слушнал за тоа
Можеби премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница мислеше на филмот „Марсовец“ од Ридли Скот со Мет Дејмон и Џесика Честеин, кога одговараше на прашање на пратеникот од „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, во врска со прашање за Законот за употреба на јазиците па спомена дека „луѓето во 21. век се качија на Марс“.
Можеби тоа била асоцијација дека филмот на Скот е снимен во 2015, а можеби тоа беше и разговорна асоцијација за стигнати дострели.
„Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, дури и се обидувам да го научам. Колку повеќе јазици знаете, толку сте побогати. Луѓето во 21. век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам мислејќи дека ќе добиете некакви поени. А губите, мислите ќе направите нешто за вас и вашата партија, нема, тоа време заврши. Додека мене ме гледате тука, а јас вас ве гледам, ви кажувам – тоа време заврши“, му рече Мицкоски на Беџети
Пратеникот Беџети упати прашање до премиерот во однос на Законот за јазиците, односно рече дека Венециската комисија изнесува минимални стандарди, а не максимални граници и дека државите имаат простор да градат понапредни модели и да ги унапредувааат правата. Исто така, го обвини премиерот за манипулации и двојни стандарди во однос на тоа како ги користи и мислењата на Венецијанската комисија и одлуките на Уставниот суд.
Мицкоски дополни: „Никогаш нема да дозволам ситни души со ситни теми да играат на чувствата на граѓаните во Македонија бидејќи јас сум претседател на Владата на сите граѓани – и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Власите, и на Ромите, и на Бошњаците и на сите други“.
Одговарајќи на друго прашање на пратеничката Илире Даути за јазичните права во правосудството Мицкоски рече:
„Никогаш нема да поддржам двојазичност или повеќејазичност во правосудството. Се знае, мора да имаме еден закон, тоа е македонскиот закон, за да обезбедиме владеење на правото. Ќе сториме сè да изнајдеме решение, кандидатите кои сакаат да полагаат правосуден испит на својот јазик, во случајов албански, а по можност и на другите јазици, тоа да го прават, но притоа да имаме еднаков критериум во оценувањето“.