Работнички собири ширум Германија против реформите во здравството и пензискиот систем


 Работниците ширум Германија денеска излегоа на улиците на традиционалните првомајски демонстрации за одбележување на Меѓународниот ден на трудот, додека синдикатите се собраа против планираните кратења на здравствената заштита и социјалните придонеси.

– Ако нè нападнат, ќе се браниме – рече Јасмин Фахими, претседателка на Германската конфедерација на синдикати (DGB), на главниот првомајски собир во Нирнберг.

– Мора да останете подготвени за борба во претстојните недели и месеци – им порача таа на неколку илјади демонстранти.

Германските синдикати организираа неколку стотици првомајски собири ширум земјата, одржани под слоганот „Нашите работни места на прво место, вашиот профит на второ“, пренесе ДПА.

Главните барања вклучуваат зачувување на осумчасовниот работен ден и сигурни пензии, како и воведување повисоки даноци за големите богатства.

Според синдикатите, компаниите треба да добиваат државно финансирање само доколку инвестираат и во Германија. Сигурните работни места и социјалната сигурност мора да имаат предност пред профитните интереси на работодавачите.

Шефицата на DGB, Фахими, ги повтори тие барања. „Секој што го напаѓа нивото на пензиското осигурување предизвикува голем социјален конфликт“, рече таа. „Способни сме да се мобилизираме против оваа кражба на пензиите и ќе ја одбиеме“.

Фахими ги критикуваше планираните реформи на германскиот национален систем за здравствена заштита, одобрени од Кабинетот во средата, како „кратење на вашата здравствена заштита“, додавајќи дека „нема да го дозволиме тоа“.

Иако таа ја изрази подготвеноста на синдикатите во принцип за прифаќање на реформите, Фахими нагласи дека оние со високи примања треба да бидат тие што ќе ја платат сметката. Таа повика на данок на богатство, „праведен“ данок на наследство и повисока максимална даночна стапка.

– Луѓето на кои навистина им треба даночно олеснување се работниците во оваа земја – нагласи таа.

Раководството на германските Социјалдемократи (SPD), помалиот коалициски партнер во владата, исто така им се обрати на работниците за да ја покаже својата поддршка.

Министерот за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбеил и се обрати на толпата во градот Бергкамен во регионот Рур, поранешен индустриски центар.

Неговата колешка, лидерка на SPD и министерка за труд Барбел Бас, одржа говор во блискиот Дисбург, нејзината изборна единица и долгогодишно упориште на партијата која се бори со историски низок рејтинг во услови на обвинувањата дека не прави доволно на заштитата на правата на работниците.