Работа од дома – актуелна потреба или идно трајно решение

Пандемијата со корона вирусот која зафати поголем број држави во светот го промени начинот на живот и го натера населението да промени дел од своите секојдневни навики. Рестриктивните мерки што ги воведоа дел од земјите во борбата против ширењето на вирусот, ги принудија работодавачите да го променат начинот на организација на работа и да ги насочат вработените да работат од дома.

Се поголем е бројот на компании кои функционираат онлајн, а нивните вработени ги извршуваат работните задачи од дома. Пандемијата всушност ги натера луѓето да сфатат дека многу работи може да се завршат од дома без одење на работа и присуство во канцеларии.

Така, компанијата „Твитер“ им кажа на своите вработени дека доколку сакаат можат доживотно да работат од дома. Оние кои сакаат, ќе може да се вратат во канцеларија откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки.

– Во изминатите неколку недели се покажа дека можеме да работиме на овој начин. Затоа, ако нашите вработени имаат услови и сакаат да работат од дома засекогаш, ние ќе им го овозможиме тоа, соопшти „Твитер“, компанија која има над 4.000 вработени низ светот.

Сличен став заземаа и „Фејсбук“ и „Гугл“ чии работници до крајот на годината ќе работат од дома.

Работењето од дома да се преточи во закон 

Можноста да се работи од дома ги натера дел од државите да размислуваат ваквиот начин на работа да го преточат во закон по завршување на пандемијата. Ваква идеја изнесе германскиот министер за работа Хубертус Хајл, кој има намера да предложи воведување на законското право на работа од дома во случаи кога тоа е возможно.

Во изјава за листот „Билд ам зонтаг“, Хајл изјави дека таков закон сака да предложи на есен бидејќи првичните проценки покажуваат дека во текот на пандемијата процентот на луѓе кои работат од дома е зголемен од 12 на 25 проценти и дека со ваков начин на работа се агнажирани околу осум милиони луѓе.

– На сите оние кои сакаат, а работата тоа им го дозволува, би требало да им имаат можност да работат од домашна канцеалрија, дури и кога ќе се заврши пандемијата со корона вирусот. За време на пандемијата, дознавме колку работа во денешно време може да се изврши од дома, истакнал Хајл.

Кај нас засега не се размислува за вакво нешто, иако поголем дел од компаниите беа принудени поради новонастаната состојба со КОВИД 19 да го применуваат овој начин на работа.

Неодамнешното истражување што го спроведе Сојузот на стопански комори, во кој членуваат над 24.000 главно микро, мали и средни претпријатија, покажа дека 80 проценти од компаниите немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн.

– Од сите претпријатија вклучени во истражувањето, 80 проценти се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност 70 проценти се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 проценти од нив бараат алтернативни начини, а 11 проценти не бараат друг начин, вели Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК.

Истражувањето на ССК покажа и дека поради кризата предизвикана од КОВИД-19, претприемачите генерално се соочуваат со намален обем на работа и со големи штети во работењето, а голем дел од нив не се во можност да се задолжуваат со нови кредити на веќе постоечките за да ја пребродат кризата. Засега, најголем процент од нив се уште не го намалиле бројот на вработени, но дури 46 проценти се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени доколку немаат ликвидност и средства да ги исплатат платите и трошоците.

Светски искуства

Водечката глобална компанија во областа на истражувањата и давањето совети за финансиите „Гартнер“ во анализата објавена на 30 март пишува дека три четвртини или 74 проценти од организациите ќе одлучат најмалку пет проценти од вработените да ги остават да работат од далечина.
– Овој податок дава пример какво ќе биде влијанието на корона-кризата на начинот на функционирање на компаниите, вели Александер Бант од „Гартнер“ чие седиште е во Вашингтон.

Според Бант, финансиските директори, кои веќе се под притисок да најдат начини да ги менаџираат трошоците, гледаат шанса во придобивките во смисла на трошоци од работењето од дома.

-Работата од далечина е еден од примерите за креативна заштеда на трошоците кон која се стремат финансиските директори за да избегнат отпуштања. Повеќето финансиски директори препознаваат дека технологијата и општеството се развиваат во правец да овозможат работење од дома за повеќе работни позиции, повеќе од кога било до сега, посочува Бант.
Додека организациите се уште се обидуваат да најдат решенија за прекините на стопанските активности предизвикани од Ковид-19, работењето од дома може да се имплементира како решение за мерките кои се преземаат од финансиските директори да ги намалат трошоците, се наведува во истражувањето.
Во најновата анкета на „Гартнер“, 20 проценти од испитаниците посочиле дека имаат одложено трошење на технологија во простории, а дополнителни 12 проценти планираат да го сторат тоа, 13 проценти од испитаниците истакнале дека веќе направиле намалување на трошоците за недвижнини, а други 9 проценти планираат да преземат активности во оваа област во наредните месеци.
Во истражувањето биле вклучени 317 финансиски раководни лица од компании, клиенти на „Гартнер“.

Падемијата го промени пазарот на труд и побарувачката за работна сила

Во услови кога светот се бори против невидливиот непријател и кога голем дел од бизнисот трпи штети, промени се забележуваат и на пазарот на труд каде рапидно се менува побарувачката на работна сила. Очигледно е дека во услови на пандемија на корона вирусот, најмалку барани се туристичките работници и угостителите поради откажаните ангажмани и затворањето на угостителските објекти, а за сметка на тоа најбарани се здравствените работници и доставувачите на пратки поради онлајн нарачките.

Меѓу најбараните работни ангажмани моментално во САД, што е и глобален тренд на запад, се работните позиции во здравството и трговијата и професиите како возачи, психолози, доставувачи, градежни работници и сметководители. Експертите ја истакнуваат и се поголемата потреба од промена на земјоделството бидејќи сметаат дека ако потрае пандемијата, порди намалениот увоз, поризводсвото на сопствена храна би можело да стане приоритет. (МИА)