Путин во Алјаска му раскажувал историски приказни на Трамп за Рурик и Јарослав Мудриот. Трамп збеснал
Tрамп неколку пати го кренал гласот и во еден момент се заканил дека ќе ја напушти просторијата. На крајот, тој го прекинал состанокот и го откажал планираниот ручек
Владимир Путин никогаш не пропушта можност да одржи долго (псевдо)историско предавање за тоа зошто Украина, како резултат на настани од пред половина милениум, треба да ѝ припаѓа на Русија. Телевизискиот водител Такер Карлсон се пожали дека интервјуто со него на почетокот на 2024 година се претворило токму во такво предавање, а осумминутната сторија за „нацистите“ во Украина, според Карлсон, била „најглупавиот и најнеубедлив аргумент што можете да го смислите“. Ситуацијата се повторила за време на неговата средба со Доналд Трамп во Алјаска, според „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на бројни луѓе запознаени со преговорите. Путин ја придружил својата историска дигресија со барање за капитулација на Украина, што целосно го разбеснило Трамп.
Во Eнкориџ, за Путин беше распослан црвен тепих. Трамп го поздрави со ракување и широка насмевка, поканувајќи го во претседателскиот автомобил. Но, откако вратите се затвориле зад претседателите, топлината во односот брзо испарила, според неколку луѓе запознаени со преговорите. Путин го отфрли предлогот на Трамп за ублажување на санкциите, признавање на Крим како руска територија и обидот на Белата куќа да го убеди Киев да направи некои територијални отстапки во замена за прекин на огнот. Војната ќе заврши само ако Украина капитулира и го отстапи целиот Донбас, вклучувајќи ги и териториите што сè уште не се окупирани од Русија, изјави Путин.
Потоа започнал еден неконтролиран историски наратив, во кој се претставени средновековните принцови како Рурик и Јарослав Мудриот, како и козачкиот водач Богдан Хмелницки, кој помогна во припојувањето на Украина кон Русија во 17. век. Според извори на „Фајненшел тајмс“, Трамп неколку пати го кренал гласот и во еден момент се заканил дека ќе ја напушти просторијата. На крајот, тој го прекинал состанокот и го откажал планираниот ручек на кој делегациите на двете земји требало да разговараат за економска соработка.
„Трамп искрено мислеше дека може да постигне мировен договор со Путин. Понудата што му ја даде на Путин беше многу добра“, изјави за ФТ поранешниот украински премиер Арсениј Јацењук, кој неодамна разговараше за мировен договор во Украина со високи американски функционери. „Но, Путин претера.“
Недостатокот на резултати од самитот и неговото медиумско прикажување како „триумф на Путин“ го разбеснија Трамп, изјави за „Политико“ републикански инсајдер во тимот за надворешна политика на администрацијата. Службеник на Белата куќа, зборувајќи за ФТ, го нарече состанокот во Алјаска „продуктивен“ и ја отфрли идејата дека бил неуспех. Администрацијата ја смета секоја можност за подобро разбирање на позицијата на Русија за „корисна“, рече тој.
Во текот на изминатите два месеци, Трамп значително ја заостри својата реторика кон Путин и руската агресија и ги повика европските сојузници заеднички да воведат царини за Индија и Кина за да ги принудат да се откажат од руските енергетски резерви. Сепак, во четвртокот навечер, во пресрет на средбата со Володимир Зеленски, Трамп ја објави својата намера повторно да се сретне со Путин, овој пат во Будимпешта, и одржа телефонски разговор со него.