Путин со уредба прогласи Ден на татковците за да ја истакне нивната улога


Рускиот претседател Владимир Путин со извршна уредба востанови Ден на татковците за да ја истакне улогата на мажот во семејството, објави Кремљ.

Путин има две ќерки, а со уредба одлучи Денот на таковците да се слави секоја трета недела во октомври.

Целта на овој празник е да се зацврсти семејството како институција, а посебно улогата на мажот во подигањето на децата, образложи Кремљ.

Уредбата стапи на сила вчера, што значи дека оваа година Денoт на татковците се паѓа на 17 октомври.

Државната новинска агенција Рие Новости ја објави веста со полна чаша пиво на својот телеграм канал.

Во Русија, Денот на жената е неработен

Русија веќе има празници кои го слават мажот, како денот на Бранителите на татковината.

Претходникот на Путин, Борис Елцин, востанови Мајчин ден со извршна уредба во 1998 година и тој се одбележува последната недела во ноември.

Во Русија Меѓународниот ден на жената 8 Март е неработен ден.

Со интервенција на Путин во рускиот устав влезе дефиницијата дека бракот е заедница на маж и жена. Другите облици на семејство, како истополови заедници, не се толерираат, а понекогаш се гонат луѓето кои го прават тоа, тврдат борците за човекови права.