Путин обвини странски земји дека им помогнале на терористите во опсадата на училиштето во Беслан во 2004
Рускиот претседател Владимир Путин денеска на комеморацијата за жртвите од масовната заложничка криза пред 20 години упати сериозни обвинувања против странски земји.
„Ние многу добро знаеме дека странските земји не само што се обидоа да оправдаат монструозно злосторство, туку им пружија на терористите секаква помош: морална, политичка, информативна и финансиска“, рече Путин во малиот град Беслан во Северна Осетија.
Тој не прецизираше кои земји наводно им помогнале на киднаперите.
Повеќе од 30 исламисти заробија повеќе од 1.100 деца, нивните родители и наставници во училиште во градот Беслан на 1 септември 2004 година, на првиот училишен ден во Русија. Терористите побараа ослободување на чеченските затвореници.
За време на упадот во училиштето загинаа 334 заложници, меѓу кои 186 деца. Многу од преживеаните заложници се инвалиди. Одговорноста за нападот ја презеде тогашниот водач на чеченските герилци Шамил Басаев, кој беше убиен во 2006 година.
По тригодишно реновирање, училиштето во Беслан ќе делува како културен и патриотски центар за спречување на тероризмот.
Посетата на Путин пред официјалното отворање и неговите изјави за наводна странска поддршка се гледаат како начин да добие поддршка од Русите во нивната војна против Украина, пренесува Дпа.
По посетата на Северна Осетија, Путин денеска пристигна во Чеченија.