Путин му честиташе на Трамп: „Тој е храбар човек“


 

Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД и рече дека е подготвен да работи со него.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам за неговиот избор за претседател на САД. Веќе реков дека ќе работиме со кој било шеф на држава во кој американскиот народ има доверба“, ја цитира ТАСС изјавата на Путин од Сочи

Тој додаде дека е подготвен да ги обнови контактите со избраниот американски претседател. Путин рече и дека Трамп покажал храброст по обидот за атентат.

Според него, изјавите на Трамп за завршување на војната во Украина заслужуваат внимание.

Трамп за време на неговата кампања тој вети дека ќе ја заврши војната за 24 часа, но не објасни како ќе го стори тоа. Тој рече дека ќе го принуди Путин на преговарачка маса со закана дека ќе падне цената на нафтата.

Претходно, извори на „Волстрит џорнал“ објавија дека Трамп може да ѝ понуди на Украина да ја замрзне војната со Русија без да ги врати териториите и да одбие да се приклучи на НАТО најмалку 20 години. Во замена, САД ќе продолжат да го снабдуваат Киев со оружје.

Планот предвидува создавање на демилитаризирана зона на сегашната линија на контакт меѓу руските и украинските војници, како и одбивањето на Киев да влезе во НАТО, претходно изјави републиканскиот потпретседателски кандидат ЏејДи Венс. Тој истакна дека на овој начин Украина ќе го зачува својот суверенитет по цена на неутралност. Претседателот Володимир Зеленски го нарече овој предлог „радикален“ и „неприфатлив“, истакнувајќи дека од Украина едноставно се бара да се откаже од своите територии.