Путин им оддаде почит на советските пилоти на гробиштата во Енкориџ

Пред да замине од самитот со Трамп, рано утринава, рускиот претседател Владимир Путин ги посети гробиштата на советските војници во градот Енкориџ, во американската држава Алјаска, јави ДПА.
Тој положи црвени рози на белите камени крстови на Националните гробишта Форт Ричардсон. Меѓу погребаните таму се советски пилоти кои ги загубија животите за време на Втората светска војна додека управувале американски авиони за сојузничкиот Советски Сојуз.
За време на давањето изјави со американскиот претседател Доналд Трамп, Путин изрази благодарност за доброто одржување на воените гробишта. Тој рече дека сеќавањето на борбата против заедничките непријатели може да помогне во повторното поврзување во тешки услови сега, пренесе ДПА.
Путин, исто така, разговараше со архиепископот на Руската православна црква во Алјаска и му подари две икони, објавија руските новински агенции.
Алјаска беше руска колонија пред царската империја да ја продаде оддалечената територија на САД во 1867 година.
Според руските медиуми, престојот на Путин на американска територија траеше околу пет часа.
Трамп и Путин изјавија дека главно разговарале за војната во Украина, но не ги открија резултатите од нивните разговори, пренесе ДПА.