Путин и Зеленски ќе се сретнат во следните две недели, тврди Мерц

Германскиот канцелар Фридрих Мерц му ја припиша заслугата на американскиот претседател Доналд Трамп за убедувањето на рускиот претседател да се согласи на средба со неговиот украински колега.Оваа средба, за која Владимир Путин се согласи за време на телефонскиот разговор со Трамп, ќе се одржи на сè уште неопределена локација, рече германскиот канцелар.
„Не знаеме дали рускиот претседател ќе има храброст да присуствува на таков самит. Затоа, потребно е убедување“, рече Мерц, кој беше дел од делегацијата на европски лидери кои отпатуваа во Вашингтон во понеделник за да му дадат поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
За време на паузата од состанокот, „американскиот претседател разговараше со рускиот претседател по телефон и се согласи дека ќе има средба меѓу рускиот претседател и украинскиот претседател во следните две недели“, им рече тој на новинарите.
Трамп се согласи да упати уште една покана за тристрана средба потоа, за да можат преговорите „вистински да започнат“, додаде Мерц.Германскиот канцелар рече дека Трамп е импресиониран што Европејците дојдоа со обединет фронт, а нивните разговори со американската администрација сега ќе се свртат кон деталите за безбедносните гаранции за Украина.
„Апсолутно е јасно дека цела Европа треба да учествува“, рече Мерц, пофалувајќи ја најавата на Трамп дека и САД се подготвени да ги обезбедат.