Путин го прими Фицо во Кремљ


Рускиот претседател Владимир Путин го прими словачкиот премиер Роберт Фицо во Кремљ. Фицо е единствениот европски лидер кој пристигна во Москва на прославата по повод Денот на победадата над фашизмот – 9 Мај.

– Вашиот доследен став во корист на зачувувањето на историската вистина заслужува почит, рече Путин на почетокот од  средбата со Фицо и ја пофали „суверената надворешна политика“ што словачката влада се обидува да ја води.

Рускиот претседател, исто така, рече дека Русија ќе направи „сè што е можно“ за да ги задоволи енергетските потреби на Словачка.

Словачка е една од ретките земји во Европа што сè уште купува руска нафта и гас. Братислава добива руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ изграден од Советскиот Сојуз, додека природниот гас од Русија се испорачува преку гасоводот „Турски тек“. Словачка се стреми да одржува политички врски со Русија и вели дека би било премногу скапо да се откаже од руските енергенси.

– Знам дека наидовте на тешкотии за време на вашето патување во Москва. Но, најважно е што сте тука, му рече Путин на Фицо откако неколку европски земји одбија да му дозволат на авионот на словачкиот премиер да лета низ нивниот воздушен простор на пат кон руската престолнина.

Посетата на Фицо предизвика критики и од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој рече дека „длабоко жали“ за неговото присуство во Москва.