Путин бара за запре емиграцијата на млади луѓе од Русија


 

Бранот на емиграција на млади луѓе што Русија го доживеа во последните години и кој се засили од почетокот на војната мора да се запре. Оваа цел за следните шест години ја постави рускиот претседател Владимир Путин во декретот „За националните развојни цели на Руската Федерација“.

Според документот објавен на веб-страницата на Кремљ, до 2030 година најмалку 85 отсто од младите Руси треба „да веруваат во можностите за самореализација во Русија“.

За да го стори тоа, Путин бара создавање „ефективен систем за идентификување таленти“, како и нагло зголемување на пропагандата на „патриотизмот“ и „традиционалните вредности“ кај младите. Така, до 2030 година, најмалку 75% од младите Руси треба да учествуваат во проекти и програми за „личен развој и патриотско образование“, а културните и уметнички проекти финансирани од државата треба да се состојат од 70% содржина што ќе ги промовира „традиционалните руски духовни и морални вредности“.

Дополнително, според указот на Путин, Русите генерално треба помалку да патуваат во странство и да се среќаваат со странски стоки: претседателот бара уделот на увозот во БДП да се намали на 17%, најниското ниво од советско време, а уделот на домашниот туризам да се зголеми на рекордни 5% од БДП.

Според податоците од Центарот „Левада“ од април 2024 година, 15% од руските граѓани на возраст од 18-39 години изразиле желба трајно да се преселат во странство.

Како причини за емиграцијата, луѓето првенствено ја наведуваат желбата на своите деца да им се обезбеди „пристојна иднина, политичката и економската ситуација во Русија“, а меѓу дестинациите најчесто ги именуваат САД, европските земји и Турција. „Еден од шест испитаници меѓу своите роднини и пријатели има луѓе кои заминале на постојан престој во странство во последните 2-3 години; кај опозициски настроените граѓани оваа пропорција е поголема“, пишува Левада.

Според „Економист“, околу два милиони луѓе ја напуштиле Русија во текот на двете децении од владеењето на Путин, а речиси половина од нив – околу 900 илјади – по инвазијата на Украина. Овој бран на политичка емиграција беше најголем од 1920-тите, кога Русите избегаа од Црвениот терор и болшевичкото владеење.

Најмногу Руси заминале во Казахстан и Србија – приближно по 150 илјади. Околу 100 илјади отидоа во Ерменија, најмалку 90 илјади во Турција, повеќе од 70 илјади во Израел, речиси 60 илјади во Европската унија.

Сепак, речиси половина од емигрантите од воениот бран – 40-45% – беа принудени да се вратат.