Првите разузнавачи на „распит“ кај Вељаноски


Новите директори на двете разузнавачки агенции, Виктор Димовски и Еролд Муслиу, утре треба да реферираат за кадровските промени во нивните институции пред собраниската Комисија за надзор над УБК и на Агенцијата за разузнавање. УБК, која функционираше во рамки на МВР, всушност, веќе еден месец е избришана од списокот на државни институции, а нејзиното место го зазема новоформираната Агенција за национална безбедност (АНБ) која, пак, е под контрола на Владата. Во почетокот на септември, на владина седница,  е констатирано прекинување на функцијата на последниот директор на УБК, Горан Николовски, кој беше назначен по смената на власта. Сепак, надзорната собраниска комисија, со која раководи поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, очигледно уште не го сменила името, односно не го приспособила на промените што беа направени во безбедносниот сектор, како дел од реформите што произлегоа од препораките на тимот на ЕК предводен од Рајнхард Прибе.

Во извештајот на Прибе посебно беа третирани состојбите во разузнавањето, пред сè во УБК, од каде што избувна аферата со масовното прислушување, а акцент беше ставен и на отсуството на цивилна контрола над безбедносниот сектор. Една од причините за неможноста надзорните собраниски комисии да ја остварат својата функција беше тоа што поранешните директори на разузнавачките служби, посебно тогашниот директор на УБК – Сашо Мијалков, не се појавуваше во парламентот да даде отчет за работењето на институцијата што ја предводеше.

Димовски сега најавува дека ќе присуствува на утрешната комисиска седница и дека таму прво ќе ги образложи вработувањата во новата АНБ, која почна со работа на 1 септември, а во меѓувреме течеше и процесот на селекција на кадри (т.н. ветинг) од поранешната УБК. Иако законите за реформа на безбедносниот систем беа донесени со консензус меѓу власта и опозицијата, а пратеници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени како набљудувачи во селекцијата на кадри во АНБ, новата институција, само еден месец откако почна да функционира, се соочува со жестоки реакции.

На сметка на АНБ деновиве стигнуваа обвинувања оти дел од вработените се со кривични пријави, двојни државјанства, блиски врски со старите структури што се виновни за скандалот со прислушување, како и за мал процент вработени од албанска националност. Имаше информации дека половина од вработените од УБК, односно околу 300 лица, не го поминале „филтерот“ во Комисијата за селекција, чие работење беше под надзор на пратеници од опозицијата. Директорот Димовски изјави дека Комисија за селекција, формирана од Владата, одржала 39 состаноци, на кои ја усвоила листата на вработени кои ги задоволуваат критериумите.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа во текот на викендот на случувањата во и околу АНБ, обвинувајќи дека СДСМ ја уништил идејата за реформи во безбедносниот сектор. Дури и се повлекува паралела со Специјалното обвинителство, со обвинување дека премиерот Зоран Заев во случајот со АНБ го правел истото што му го направил на СЈО.

Какви кадровски промени се случувале во Агенцијата за разузнавање?

На дневен ред на седницата на Комисијата за надзор над разузнавачките служби, покрај точката во врска со преземањето, селекцијата и изборот на работници од УБК во АНБ, е и информација за кадровските промени и состојбите во Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на шефот на државата. Најавено е дека за состојбите во оваа Агенција ќе информира нејзиниот директор, односно Еролд Муслиу, кој беше поставен на функцијата по изборот на Стево Пендаровски за претседател, а за што имаше забелешки од ДУИ.

Пратеници од СДСМ вчера беа затечени од информацијата дека на дневен ред е ставена точка за кадровски промени во Агенцијата за разузнавање. Всушност, вчера немаше кој да каже за какви кадровски промени во оваа Агенција станува збор. Вељаноски не одговараше на телефонските повици за да каже од кои причини оваа точка е ставена на дневен ред, без за тоа да бидат известени пратениците од опозицијата. Директорот Муслиу, пак, според информациите, бил на службен пат надвор од државата.

Според Деловникот на Собранието, претседателите на надзорните комисии – за разузнавањето и за следење на ПИ-мерките, задолжително се од редовите на опозицијата. При донесувањето на Законот за АНБ, првичната идеја беше процесот на селекција на кадри да го надгледува и претседателот на Комисијата за надзор над разузнавањето, но дел од владејачките пратеници се спротивставија на тоа поради улогата на Вељаноски, како претходен претседател на парламентот, во опструкциите за избор на негов наследник и во настаните на 27 април 2017 година.

Не се исклучува комисиската седница в среда да биде затворена за јавноста, со оглед на доверливоста на информациите што треба да се разгледаат. Сепак, одлука за тоа треба да донесат пратениците кои се членови на ова тело.(А.М.М.)