„Ни трошка не сум виновен“: Пеце Матевски, екс-директорот на РЕК „Битола“, на судењето за јаловината од 2022 


Од судењето за тендерот за јаловина во РЕК „Битола“

 

БИТОЛА – Обвинетиот Пеце Матевски, екс-директор на РЕК „Битола“ на вчерашното рочиште во Основниот суд во Битола рече: „Не се чувствувамни трошка виновен“ затоа што јавната набавка била спороведена по закон и критериумите на АД ЕСМ за ископ на јаловина во 2022 година со фирмата „Рудкоп “ Битола.

„Јас како директор на подружница РЕК ‘Битола’ морам да ги спроведувам наредбите од Управниот и Надзорниот одбор. Никаде нема повреда на планот за јавни набавки“, рече Матевски во своја одбрана.

Судскиот процес го води судијата Горан Димовски, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска.

Судењето е околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година да ја избере фирмата „Рудкоп “ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина. „Рудкоп“ го доби тендерот за цена од 2.595 денари за м3, додека „Гранит“ имал првична понуда од 2.040 денари за м3. По предлог на ОЈО Битола за овој случај на „Рудкоп“ му се замрзнати 3,5 милиони евра.

Според обвинението, износот на средства од 708.000.000 денари со ДДВ, определен во Одлуката за јавна набавка од јули 2022 година со фирмата „Рудкоп“ не е доволен за ископ на бараните 2.400.000 м3 јаловина. Па, Матевски на 21.9.2023 година склучил и Анекс бр.1 кон Договор од 3.10.2022 година со кој вредноста на јавната набавка е зголемена за дополнителни 20%, односно дополнителни 141.600.000 денари со ДДВ со што е овозможено „Рудкоп“ да изврши ископ и на дополнителни 378.538 м3 јаловина надвор од предметот на спроведената јавна набавка (за што е исплатен паричен износ од  дополнителни 138.231.236 денари).

Запрашан од својот бранител околу јавната набавка Матевски рече дека таа била неопходна за да се обезбеди електрична енергија во време на корона кризата кога пазарот бил нестабилен и додаде дека набавката била одобрена и од тогашната влада на СДСМ. 

„Секоја јавна набавка мора да биде впишана во годишниот план за јавни набавки каде што покрај планот за јавни набавки треба да биде во сооднос со планот за производство на електрична енергија. Најпрво оваа јавна набавка е одобрена од Сектор производство, па одобрена од Управниот и Надзорниот одбор, така за оваа јавна набавка се обезбедени средства за реализација. Текот на оваа јавна набавка е поврзана со планот на производство затоа што на крајот ние како комбинат треба да испорачаме мегавати, односно да призведеме електрична енергија“, рече Матевски на сведочењето.

Во врска со анексот на јавната набавка, Матевски на прашање на бранителот рече дека се било сработено по Законот за јавни набавки.

„Бевме во енергетска криза каде што се бараше енергија плус, еден мегават час стигна до 800 евра, анексот е за обезбедување стабилно производство и повеќе енергија и е во рамките од 20 проценти“, рече правдаше Матевски.

Во распитот на обвинителката Оливера Нечаковска поврзано со анексот на договорот, Матевски рече дека Сектор производство го побарал склучувањето на анексот, а кога обвинтелката го праша дали и тој е потпишан на барањето за пренамена на средства и склучување на анекс од септември 2023 година, до Сектор за комерцијални работи, обвинетиот Матевски рече да го видам документот и одговори: „Да, потпишан сум“. 

Прашањата на обвинителката се фокусираа на причините за склучување на анексот и времето кога обвинетиот дознал за тие причини.

Покрај Матевски обвинети од РЕК Битола се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски членови на Стручната комисија. Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска- Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.

Сведочеше обвинетиот Тони Ангелевски член на стручната комисија, вработен во РЕК „Битола“. Запрашан од бранителот дали за работата на техничката комисија постоеле некои правила или правилници, упатаства, обвинетиот кажа дека нема посебни правила, нема упатство или утврден начин на работа, членовите не работеле на состаноци, туку поединечно по неутврден редослед.

Обвинетиот Димитар Петковски исто така член на стручната комисија, на прашање на бранителот околу исфрлањето на „Гранит“ Скопје од тендерот, рече: „Со самото тоа што во потврдата доставена од економскиот оператор стои дека работите се во тек не се извршени… со самото тоа го исполнува условот да биде елиминиран од понатамошно учество во постапката“, рече Петковски, дополнувајќи дека на двете потврдите од „Синохидро“ се наведува дека земјените работи се уште се во тек по кажување на „Гранит“.

Прашан од ОЈО дали ги видел самите потврди кои се доказ за извршен ископ, а беа поднесени од „Гранит“, обвинетиот изјави дека ги видел и дека во нив никаде не пишувало дека „работите се во тек“, но бидејќи во листата стоел терминот „работи во тек“, сепак го исфрлиле „Гранит“.

Запрашан од обвинителката дали е можно тие зборови „во тек“ да се однесуваат на фактот што автопатот Кичево-Охрид сѐ уште не е завршен, а не на фактот дека количините наведени во потврдите не се ископани? Приговараше бранителот и судијата одлучи прашањето да не се одговори. 

Запрашан од бранителот за Анексот на договорот за ископ на јаловина, Димитар Петковски кажа: „При самото следење на договорот се воочи дека предвидените 2.400.000 м3 јаловина предвидени по проектна документација не стигнуваме да ги отстраниме и да ги ископиме, бидејќи е постигната цена само која е намалена, пристапивме кон зголемување на вредноста со цел да се заврши една целина која што била предвидена при реализацијата на овој дел… Ние како рудници доставуваме барање, а одлуката ја носи Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ“, рече обвинетиот.

На прашање на обвинителката дополни: „Не само поради цената, туку и поради тоа што количините се ориентациони и при изготвувањето на месечните извештаи…увидовме дека со истекувањето на средствата од овој договор ќе ни останат нестабилни површини кои во зима може да предизвикаат хаварии…“, рече Петковски.

Кога обвинителката го праша Петковски, дали ова што го кажува претходно, (како образложение за потпишување на анексот) им било познато пред распишувањето на јавната набавка, обвинетиот кажа-

„Не, не може да ни биде познато, бидејќи во текот на ископот не знаеме со што ќе се соочиме“, рече Петковски.

На прашање на обвинителката дали обвинетиот знае колку кубни метри јаловина се ископани од страна на фирмата „Рудкоп“ врз основа на овој договор, обвинетиот кажа околу 2.700.000 м3 јаловина.