Првите количини линдан во ОХИС ќе се исчистат на почетокот на следната година


Фото: Б. Грданоски

Првите количини од околу 700 тони контаминирана почва со линдан треба да се отстранат на почетокот на идната година, беше речено на денешното официјално почнување на работите за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС.

Денеска почна чистењето на линданот од малата депонија во поранешната фабрика ОХИС, а министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека со оваа активност започнува елиминацијата на една еколошка жешка точка во нашата држава.

Министерот за животна среднина, Насер Нуредини (Фото: Б. Грданоски)

„Подготвителниот процес траеше долго, но справувањето со овие жаришта бараат детални истражувања на самите депонии и изработка на оцена на ризикот, реализација на обуки за професиноално инволвираните, обезбедување на дополнителна лабораториска опрема за следење на влијанието врз животната средина во текот на процесите“, рече Нуредини.

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години на минатиот век, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува депонија со над 30.000 тони екстремно опасен отпад!

Базенот со закопаниот линдан (Фото: Б. Грданоски)

Постапката за дислокација на линданот треба да се заврши во период од 12 месеци, а ќе го изведува грчката фирма „Полиеко“, при што овој дел од ремедијацијата на малата депонија во ОХИС е финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) (3,1 милиони долари), Норвешка (1,5 милиони евра), Делегацијата на ЕУ и Владата (1,7 милиони евра), дополнително од ИПА 3 програмата се очекуваат уште пет милиони евра. Планот е линданот да се однесе во Франција, а земјата под него во Холандија.

За чистањето на малата депонија Министерството воспостави соработка со две агенции УНИДО и УНОПС.

– Првично за реализација на проектот Министерството преку Канцеларијата за ХОПС во соработка со УНИДО како имплементациона агенција обезбеди финансиски средства во висина од 3,1 милион долари од Глобалниот еколошки фонд ЏФ кој за првпат финансира ваков проект во регионот на ЈИЕ. Остатокот од средствата за завршувањето на чистењето на малата депонија ќе ги обезбедиме од повеќепартнерскиот фонд за животна средина, а ќе се имплементираат со УНОПС, наведе Нуредини.

Првиот секретар на Амбасадата на Норвешка Стефан Сандста истакна дека навистина станувало збор за напорна работа, потенцирајќи дека се среќни што успеале да го изреализираат проектот со помош на нивните партнери.

–  Се надеваме дека и во иднина преку повеќепартнерскиот фонд за заштита на животната средина ќе успееме да привлечеме и други партнери и организации да ни се приклучат, а ние навистина сме среќни што еве денеска конечно започнуваме со расчистувањето на малата депонија. Со нетрпение очекуваме да се вратиме повторно тука кога проектот ќе биде завршен и кога граѓаните ќе имаат безбедна животна средина и секако со среќа на Полиеко којшто ќе треба да го спроведат целиот овој процес, нагласи Сандста.

Микела Телатин, шеф на Канцеларијата на УНОПС за Северна Македонија, рече дека станува збор за навистина многу сложена процедура и операција и, како што истакна, навистина сме многу благодарни за целата поддршка што ја добивме од МЖСПП, Владата на РСМ. Упати благодарност и за соработката со Амбасадата на Кралството Норвешка, другите организации на ОН како УНИДО коишто ја поддржаа Владата во нејзините напори за справување со оваа криза.

– Во ова партнерство УНОПС е одговорен и раководи со повеќепартнерскиот фонд за заштита на животната средина којшто дава поддршка во мобилизацијата на националните и интернационалните ресурси. УНОПС исто така ќе соработува со УНИДО на самиот терен, почнувајќи со селекцијата на компанијата Полиеко која што ќе биде задолжена за овие активности. Полиеко беше избран токму поради следењето на навистина високи стандарди и тоа зборуваме за национални и меѓународни стандарди, рече Телатин