(Видео) Неколку дена млада мечка шета низ битолските улици

Мечката во потрага по храна одеше низ околните села, а последните денови дојде во самиот град Битола


 

Млада мечка веќе неколку дена е во фокусот на внимание на битолчани откако граѓани објавуваат видео снимки за нејзино движење низ атарите на битолските села, а синоќа е снимена и во градот во близина на Градското Шеталиште и Стадионот. Првично беше снимена од мештаните на селата Трн, Оптичари, Гнеотоно како лута низ ораниците и атарите на селата во потрага по храна, а денеска веќе се објавуваат видео од нејзино присуство во градот.

Борче Бучински сточар од Могила вели: „Мецана не оди само по селата, ви дојде и во Битола“.

Граѓаните бараат итна интервенција од надлежните служби, а денеска мечката стана и тема за реакција на политичките партии.

СДСМ Битола пишува каде сѐ е забележана мечката од граѓани во доцните часови поточно во урбаниот дел на градот. СДСМ вели дека мечката поминала низ неколку населби, трча по улицата „Македонска фаланга“, поточно во правец од Средното медицинско училиште „Др. Јован Калаузи”, кон населбата Буковски Ливади и село Кравари.

„Кој е одговорен за безбедноста на битолските граѓани? Дали треба да се случи трагедија за институциите конечно да почнат да функционираат. Покрај небезбедните улици и хаосот во сообраќајот, дали сега и пешаците по тротоарите, парковите и јавните површини треба да се чувствуваат несигурно и небезбедно за своите животи. Граѓаните заслужуваат навремена реакција, одговорност и конкретни мерки за заштита“, велат од ОО на СДСМ Битола.  

За ЛДП Битола појавата на мечка низ битолските улици не е само необичен настан, туку сериозен аларм за нефункционалноста на институциите и небезбедноста во градот.

„Наместо брза координација и јасна информација од надлежните, повторно гледаме молк и префрлање одговорност. Граѓаните заслужуваат безбеден град, навремена реакција и институции што работат во нивен интерес“, велат од ЛДП Битола. (А.Б.)