Се затвора нелегалниот премин кај Бит пазар – граѓаните негодуваат
Неколку месеци по најавите од страна на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, денеска екипи на Градот започнаа со поставување ограда и затворање на дивиот пешачки премин во близина на Бит-пазар, но беа спречени од група демонстранти кои со „жив штит“ не дозволуваа затворање на овој нелегален и неозначен премин.
Претходно, градоначалникот изјави дека жители на Чаир имале барање овој „див пешачки премин да стане легален, но Градот, како што соопшти Ѓорѓиевски, поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот, категорично го одбил нивното барање и не ја менува одлуката дека на местото повторно ќе биде поставена метална ограда.
-Имаше барање на дел од граѓани од тој дел на Скопје да го направиме тој премин легален, но категорични сме во тоа дека местото треба да биде затворено поради безбедносни причини и за пешаците и за оние кои се корисници на возила. На тоа место ќе се постави ограда – изјави тогаш Ѓорѓиевски.
Градоначалникот и вчера, на одбележување на Денот на пожарникарите, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека прашање на часови е кога ќе се затвори преминот, односно патеката што некој си ја отворил, а се со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Сепак, акцијата денеска наиде на големо незадоволство од страна на чаирчани, кои во знак на протест го блокираа булеварот „Крсте Петков Мисирков“ и целосно го запреа сообраќајот, не дозволувајќи им на службите да го затворат овој нелегален премин.
На местото на настанот има зголемено полициско присуство.
ТВ21 сподели видео од местото на настанот.