Хаварисаните возила кои со години стојат на паркинзите низ Општина Аеродром се проблем затоа што зафаќаат паркинг-места, но сега го отежнуваат и обележувањето на местата, што општината се подготвува да го направи во Ново Лисиче, откако реши зонското паркирање во Реонски центар и во Ново Лисиче да почне едновремено.
Вчера, на влезните врати во зградите низ Ново Лисиче беа залепени известувања, со кои се замолуваат сопствениците на хаварисани возила да ги отстранат од паркингот, со цел непречено бележење, а доколку тоа не го направат, општината ќе ги подигне возилата, а ќе им наплати на сопствениците.

„Општина Аеродром континуирано постапува по пријави и согледани состојби поврзани со хаварисани, нерегистрирани и напуштени возила на јавни површини“, велат од Општиа Аеродром, во одговор на прашање на „Независен“ каков беше ефектот од пред две години најавената акција за собирање на хаварисаните возила.
„Во рамките на акцијата што ја споменувате, беа подигнати 15 хаварисани возила од различни локации на територија на општината, согласно со законските надлежности и во соработка со надлежни институции и овластени служби. Дел од сопствениците, по добиени известувања, самостојно ги отстранија возилата ( 22 возила ) додека за дел беа преземени мерки за дислоцирање. Трошоците за одвезување се утврдуваат согласно со постапката и важечките прописи. Во однос на бројот на хаварисани возила кои моментно се наоѓаат на јавни паркинг-површини, состојбата е променлива и зависи од тековните пријави и извршените контроли на терен“, велат од Општината.

Додаваат дека Општината има службени лица што постапуваат по пријави од граѓани, вршат увид на терен и преземаат дејствија согласно законските можности и надлежности.
Сепак, на почетокот на април од партијата Левица изброја десетици возила само во Ново Лисиче, кои „со години се оставени на забот на времето. Вкупната бројка на ниво на општина Аеродром стигнува во стотици“.
„Поминаа повеќе од три месеци од последната одлука на Советот на Општина Аеродром за нивно дислоцирање, но на терен ништо не е променето. Додека надлежната инспекторка на советничките прашања одговара со изговори, овие возила не само што се распаѓаат, туку во многу случаи се претворени во импровизирани магацини и контејнери за отпад“, велат од таму и споделија видео од пребројаните хаварисани возила.
Општина Аеродром и Град Скопје соочени со притисокот од граѓаните од Ново Лисиче се повлекоа од намерата да започнат со зонско паркирање во зоната D12 во Реонски Центар што требаше да почне на 1 април годинава.
По насоки од Град Скопје и Општина Аеродром и во интерес на граѓаните и нивното барање за одложување на почеток на зонското паркирање на зона Д12- Реонски Центар, Јавното претпријатие „Градски паркинг“- Скопје, ги известува граѓаните дека се пролонгира започнувањето со работа на зоната, предвидено за 01.04.2026, се до комплетирање на сите неопходни активности.
„Тоа подразбира целосна усогласеност на сообраќајниот проект за зонско паркирање за новата зона Д11- Ново Лисиче и поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација. Тогаш најавија и дека во текот на мај 2026, ќе се отпочне со реализација на зонско паркирање во двете суб зони Д11 и Д12.
Новата зона за паркирање во Ново Лисиче, каде што веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и дополнително ќе се пристапи кон поставување на информативни табли за зонско паркирање, која ќе овозможи 2.719 места, информираше пред извесно време градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
За корситење на паркинг-местата во овие зони, потребно е граѓаните да се регистрираат, односно да поднесат барање за издавање. Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници. За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час.
Канцеларијата за аплицирање се наоѓа во зградата на Рударски институт на бул. ,,Јане Сандански” бр.113.
Паралелно со ова, се воведува и нов, дигитален пристап кон услугите.
Барања за дозволи по електронски пат може да се поднесат преку платформата „
moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи.
Истовремено, овозможено е и онлајн плаќање на месечните и годишните дозволи, со што значително се поедноставува и забрзува целиот процес, информираа од „Градски паркинг“.