Општина Карпош бесплатно ги носи првенците на генерација и спортистите на камп во Грција
Општина Карпош ќе ги награди првенците на генерација, основците од најуспешните спортски екипи во фудбал, кошарка и одбојка за девојчиња, како и индивидуално прогласените ученици – спортисти, за постигнатиот успех во рамки на училишните спортски игри Карпош 2026, со меѓународна повеќедневна екскурзија во детскиот камп „Каливас“ (Грција), одлучи днееска Советот на општината.
Локалната самоуправа ќе обезбеди бесплатен неколкудневен престој во истоимениот детски камп во Грција и за осумте ученички – одбојкарки од Карпош, кои неодамна го освоија првото место на турнирот кој го организираше Општина Кисела Вода, по повод одбележување на нивниот патронен празник Св. Ѓоргија.
Советниците ја поддржаа и Одлуката за наградување на професори – тренери и индивидуално прогласените ученици – спортисти, во училишните спортски лиги Карпош 2026. Со оваа Одлука, Општината ќе додели вкупно 19 парични награди за професорите по физичко воспитание, чија екипа го освои првото, второто и третото место во фудбал, кошарка и одбојка за девојчиња.
Оттука, за освоено прво место, тројца професори ќе добијат 8.000 денари, за второ 6.000, додека пак, за освоено трето место, тројца професори – тренери ќе добијат 5.000 денари. За десетте ученици кои се прогласени како најдобри индивидуални спортисти во рамки на училишните лиги, Општина Карпош ќе додели парични награди во висина од 6.000 денари.
Советот даде согласност за Предлог – Одлуката, со која Македонската спортско – качувачка Федерација до крајот на оваа календарска година, ќе може бесплатно да ја користи вештачката алпинистичката карпа, која е во владение на Општина Карпош. За периодот за кој ќе ја користи, Федерацијата се обврзува дека ќе се грижи, тековно ќе ја сервисира и ќе ја одржува алпинистичката карпа, согласно намената за која е отстапен овој спортски објект.