„Граѓаните на Центар знаат како да казнат лоши политики“: Петиција против новиот Ценовник на ПОЦ
На Фејсбук страницата „За пристоен Капиштец“ беше споделена објава која што беше адресирана до градоначалникот на Општина Центар, Управниот и Надзорниот одбор на ПОЦ, и до советници на Општина Центар. Во објавата беше споделена фотографија од Петиција на која што се собираат потписи во врска со новиот Ценовник на ПОЦ, а се порачува дека граѓаните на Општина Центар знаат како да казнат лоши политики, нагласувајќи дека историјата го покажала тоа во пракса.
„Неколку бројки за да ги имате пред себе додека одлучувате во наше име. На локалните избори во октомври 2025 година, Општина Центар има 44.109 запишани избирачи. Гласале 22.347. Половината воопшто не излегоа. Градоначалникот Горан Герасимовски е избран со 8.535 гласа. Под 20 проценти од вкупниот избирачки список. Со други зборови, четири од петмина жители или гласале против него, или воопшто не гласале. Над 800 потписи на петицијата за неколку дена. Уште во овој момент оваа бројка во однос на неговиот изборен резултат станува политички значајна. Ќе видиме до каде ке стигнеме деновиве…“, се вели во објавата.
Беа споделени и дел од бројките за ПОЦ во 2025 година, при што се посочува дека биле остварени приходи од 249 милиони денари.
„17 милиони нето добивка, 44 милиони акумулирана добивка. Претпријатие во рекорден плус. И во истата таа година, на граѓаните им се наметнуваат нов Ценовник и Правилник кои кратат права и поскапуваат услуги. Без анкета. Без расправа. Без образложение. Без наша согласност. Граѓаните не забораваат. Граѓаните паметат. Граѓаните бројат. Граѓаните гласаат“, се порачува во објавата на Фејсбук страницата „За пристоен Капиштец“.
Го споделија и линкот од Петицијата: www.change.org/parkinzi_POC