Пожарникар ја запроси својата избраничка откако беше „спасен“ на Денот на пожарникарите
Неговите колеги го „спасија“ од зграда во пожар, на показна вежба на Денот на пожарникарите, во Автокоманда, па тој клекна на колено и ја побара за жена својата избраничка пред сите присутни.

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, заедно со противпожарните единици ширум земјата, денеска го одбележува 20 Мај – Денот на пожарникарството.
Како дел од традиционалните активности, градоначалници и претставници на локалните самоуправи ги посетуваат противпожарните станици.


„Ви благодариме за секоја непроспиена ноќ, за секој повик на кој сте одговориле без двоумење, за секоја интервенција во која сте влегле со ризик, а сте излегле со спасен живот.
За секој пожар, секоја несреќа и секоја човечка мака во која сте биле таму каде што било најпотребно. Оваа година одбележуваме и исклучителен јубилеј – 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија има длабока традиција на организирана храброст, пожртвуваност и служба кон народот.
Традиција која денес ја продолжувате токму вие, современите пожарникари, луѓето кои секојдневно ја бранат безбедноста на граѓаните, имотот, природата и градот.Хероизмот заслужува почит, но заслужува и поддршка. Храброста заслужува благодарност, но заслужува и опрема, обука, услови и систем што стои зад неа“, рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој рече дека ќе се заложи за модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и континуирано подобрување на условите за работа на нашите пожарникари.
„Веќе е готов спортскиот комплекс во рамки на дворот на Противпожарната бригада во Скопје, затоа што физичката подготвеност, здравјето и кондицијата се дел од нивната секојдневна борбена готовност. Но, тука нема да застанеме. Ќе работиме на подобра опрема, подобри услови, поголема подготвеност и систем кој ќе може побрзо, посилно и поефикасно да одговори на секој предизвик“, додаде Ѓорѓиевски.
Овој датум е значаен историски меѓник, бидејќи на овој ден во 1836 година во Битола бил формиран првиот противпожарен одред во Македонија.

Фото: Б. Грданоски