Училница во природа: 33 средношколци ја проучуваа природата околу Дојранското Езеро


Во периодот од 16 до 18 мај, Македонското еколошко друштво го одржа второто издание на „Едукативниот камп Дојран“ во рамки на проектот „Заштита и ревитализација на Медитеранските влажни зони“ – PROZHUM.

Кампот обедини 33 средношколци, од кои дел веќе учествуваа на првото издание, а речиси половина од нив учествуваа за прв пат во ова теренско едукативно искуство.

Во текот на трите дена, Дојран беше училница на отворено во која младите ја истражуваа
природата на различни локалитети и се запознаваа со живеалиштата, видовите и природните
процеси што го обликуваат ова подрачје. Броеја и идентификуваа водни птици, истражуваа
водоземци и влекачи, го проучуваа растителниот диверзитет, прибираа и анализираа примероци од алги преку лабораториска обработка и микроскопска анализа и ги продлабочуваа знаењата преку едукативни игри во кои природата беше нивен соиграч.

„Младите имаат голем интерес за животната средина кога знаењето им се пренесува преку
соодветни алатки и искуства што им се ним блиски. На ваков камп тие стекнуваат нови
вештини, учат да работат тимски, се социјализираат, стануваат љубопитни и почнуваат да ја
гледаат природата поинаку, не само како околина, туку како простор со суштински вредности.

Почнуваат да ги забележуваат и оние нешта што претходно им биле невидливи, а токму тоа
создава поинаква одговорност кон природата“, истакна Светлана Пејовиќ, раководителка на
програмата за еколошка едукација во Македонското еколошко друштво и едукаторка на
кампот.

Подрачјето на Дојран беше избрано затоа што опфаќа различни средини важни за еколошка
едукација: езеро, влажни живеалишта, богат растителен и животински свет, и е пример за
силна поврзаност меѓу природата и локалната традиција. „Дојран е вистинска лабораторија на
отворено. Станува збор за Рамсарско подрачје, препознаено според Конвенцијата за водните
живеалишта од меѓународна важност, особено за водните птици, кое на национално ниво е
прогласено и за споменик на природата. Овде можат да се сретнат значајни видови, меѓу кои и пеликаните, но Дојран е посебен и по историската поврзаност помеѓу човекот и природата,
како што е традиционалниот риболов со помош на корморани“, посочи Данка Узунова,
проектна координаторка и орнитолог во Македонското еколошко друштво.

Едукативниот камп Дојран покажа дека младите најдобро ја разбираат природата кога имаат
можност непосредно да ја истражуваат. Преку теренска работа, набљудување и заедничко
учење, тие развиваат љубопитност, внимание и поодговорен однос кон просторот што ги опкружува. Кампот е дел од проектот „Заштита и ревитализација на медитеранските влажни зони“ – PROZHUM, финансиран од Француската агенција за развој.