Гаши се брани од нападите на СДСМ, работел според Деловникот


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собрание Африм Гаши реагираше на најавата од СДСМ дека ќе му поднесе интерпелација  тврдејќи дека неговото постапување околу Комисијата за финансирање и буџет било целосно според Деловникот.

„Во врска со изнесените наводи од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кабинетот на претседателот на Собранието информира  дека постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е целосно во согласност со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и во рамки на неговите уставни и деловнички надлежности.

Имено, на 18 мај 2026 година, врз основа на член 126 став 2 од Деловникот, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свика 64-тата седница на Комисијата за 19 мај 2026 година, со почеток во 11:30 часот. Седницата започна на 19 мај  и по утврдувањето на дневниот ред беше прекината.

Имајќи ги предвид роковите утврдени во член 176 став 2 и член 181 став 1 од Деловникот, повеќе од една третина од членовите на Комисијата, согласно 126 став 2,  на 20 мај 2026 година доставија барање до претседателката на Комисијата за продолжување на седницата во деловнички утврдените рокови, но продолжението на седницата не беше свикано.

Поради тоа, на 20 мај 2026 година, група пратеници до претседателот на Собранието доставија барање за свикување продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет, поради непостапувањето на претседателката на Комисијата по доставеното барање за продолжување на седницата.Со цел одржување на седницата во роковите утврдени во Деловникот, а согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието на 21 мај 2026 година го свика првото продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет.

Оттука, станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура. Сметаме дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација.

Претседателот на Собранието останува посветен на принципите на институционалност, правна сигурност и доследно почитување на Деловникот, без селективност и без политички калкулации“, стои во објаснувањето на Гаши.

ВЛЕН исто така реагираше на обвинувањата од СДСМ оценувајќи дека и таа ги користи методите на ДУИ.

„ВЛЕН целосно застанува зад Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој за да избегне блокирање на државата заради дневна политика е принуден да влече непопуларни потези кои му ги овозможуваат Уставот и Деловникот. Без да се мешаме во состојбите во македонскиот политички блок, изразуваме жалење што СДСМ во обидот да ја врати изгубената доверба од граѓаните на дневна основа создава нови и нови политички соперници.
 
Ваквата антинародна политика на раководството на СДСМ е доказ за нивното лицемерие. Актуелната Влада раководи со државата едвај две години, период во кој најмногу се занимава со нерешените прашања и долгови кои во наследство ни ги остави претходната Влада. Ова раководство на СДСМ, исто како она на ДУИ, само заради тоа што не се власт со сите сили се обидуваат да ја блокираат државата, правејќи се наудрени дека тие немаат одговорност за ништо. ВЛЕН нема да дозволи опструкции на државата заради кои ќе страдаат граѓаните. А СДСМ треба да и одговори на јавноста дали станува второто лице на ДУИ?“-стои во реакцијата.