Први внатрепартиски избори за претседател на СДСМ


Близу 69.000 членови на СДСМ денеска ќе избираат претседател на партијата на први директни, внатрепартиски избори. Единствен кандидат претседател е актулениот премиер и прв човек на партијата Зоран Заев. За неговата кандидатура треба да се изјаснат сите активно регистрирани членови на СДСМ.

Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот. Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање  68 999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници. Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Ќе се гласа со помош на новите електронски картички и документ за идентификација. Информација за текот на гласањето и резултатот ќе биде соопштен во недела по завршување на процесот на гласањето, информираа од партијата.

Од СДСМ наведуваат дека претстојните избори, претставуваат постулат на демократските вредности, каде првпат во историјата на нашата држава, самите членови на партијата ќе си го бираат својот претседател.

-Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната и најмодерната партија – СДСМ, нагласуваат оттаму.

 

На неодамнешната прес-конференција кога ја претставуваше својата програма, единствениот кандидат за претседател на владејачката партија Заев го повика членството да гласаат за, како што кажа, новата политика на СДСМ. За тоа дали се запазени стандардите имајќи предвид дека тој е единствен кандидат, тој кажа дека Централната изборна комисија и органите на партијата овозможиле да се гласа „за“ и „против“.

Заев најави „пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија“, а доколку ја добие довербата и „досега најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ“.

Новата политика ќе значи реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ.

-Некои многу сработуваат и водат напред, некои можат многу повеќе, но некои потфрлија, беше јасен Заев на прес-конференцијата, кој кажа дека единствениот долг што го прифаќа е оној кон граѓаните за ефикасна и за доследна испорака на ветеното, одговорност кон граѓаните и секој пред самиот себе.

Ние, рече актуелниот премиер, им служиме на граѓаните, а времето на неказнивост заврши, на ред е правдата.

-Истото важи и за сите нас од СДСМ Членската книшка од партијата не значи привилегија, туку уште поголема одговорност. Борбата против криминалот и корупцијата носи подобар економски стандард, подобро здравство, образование, подобри институции, но и побрз пат кон ЕУ, рече тој.

Финално, новата политика, според него, значи охрабрување на различно мислење и почитување на туѓи ставови.

Заев, меѓу другото, кажа и дека е за национален консензус за главните прашања, против поделби, за заедништво и оти за најважните прашања треба да застанат заедно со опозицијата.

Фокусот, најави тој, ќе остане на борбата со пандемијата и новата развојна економија, на креирање и реализација на економски политики, нови работни места, повисоки плати и развојна економија…