Протестираа антиваксери во Лондон, повредени полицајци

Неколку полицајци се повредени на денешните протести во Лондон, против вакцинирањето за Ковид-19, додека владата треба да одлучи дали ќе воведе вакцинација за децата од 12 до 15 години.
Противниците на вакцинацијата се обидоа во текот на попладнето да влезат во зградата каде канцеларии има Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи во квартот Канари Варфу, во источниот дел на Лондон.
Регулаторната агенција дава одобрение за вакцините за Ковид-19.
Лондонската полиција соопшти дека распоредила „значителен број службеници„ за да го заштитат влезот во зградата.
Насобраните демонстранти потоа се упатиле кон друг лондонски кварт, Саут Кенсингтон, на западот од градот, соопшти полицијата на Твитер.
„Значителен број демонстранти беа насилни кон полицијата. Четворица полицајци се повредени во судирите“, напиша полицијата на Твитер, осудувајќи го неприфатливото однесување.
Додаде дека десет луѓе се уапсени.
На 23 август, десетици демонстранти против рестриктивните мерки за сузбување на ковид пандемијата и кампањата за вакцинирање на сила упаднаа во канцелариите на продукцијата Ај-ти-ен која стои зад ТВ мрежата Ај-ти-ви, Канал 4 и Канал 5. Протестот се случи во време кога кампањата на вакцинирање се прошири на младите од 16 и 17 години.
Вакцинирањето против ковид-19 не е задолжително во Велика Британија, каде од Ковид починаа повеќе од 133.000 луѓе. Движењето против вакцинацијата не се прошири многу низ земјата, каде 90 отсто од возрасните жители примиле барем една доза вакцина.