Пронајдено уште едно тело на дете во изгорениот автобус


Софиската болница „Пирогов“/ Фото: Б. Грданоски
При дополнителен преглед на македонскиот туристички автобус кој изгоре во Бугарија било пронајдено уште едно тело, а според тврдењата на бугарски „24 Часа“ станува збор за дете. Со тоа бројот на жртви се искачи на 45. Оваа информација ја потврди бугарскиот заменик главен обвинител и раководител на Националната истражна служба Борислав Сарафов, објави Бугарското национално радио.

„Во 21.15 часот во трагичната ноќ преку граничниот премин „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од нив во автобусот пронајдовме 45, а седумина се во болницата Пирогов. За жал нема уште еден спасен“, рече Сарафов.

Тој рече дека истражителот и обвинител испратени во Скопје ќе останат во Македонија до недела. Тие треба во Бугарија да ја донесат документацијата поврзана со изгорениот автобус и примероци од ДНК од роднини на загинатите. Веднаш потоа ќе почне и идентификација на жртвите.

Но, портпаролката на главниот обвинител,Сијка Милева, потврдувајќи дека е пронајдено 45-то тело, објасни дека не било забележано при првиот преглед бидејќи било многу изгорено и не е пронајдено цело тело туку само делови од него.

„Во опожарениот автобус на трагичната несреќа на автопатот Струма, при дополнителниот увид што денеска го извршија истражителите од Националната истражна служба, пронајдена е 45 жртва“, рече Милева за Сител.

Милева вели дека се уште не може да се потврди дали станува збор за тело на дете бидејќи телото е целосно јагленосано и на делови.

Во тешка сообраќајна несреќа на македонски туристички автобус на автопат во Бугарија загинаа 45 луѓе, а седуммина се повредени. Автобусот се враќал кон Скопје од туристичко патување во Истанбул.