Прогресивното оданочување одложено за три години : Не било време за левичарење


Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вчера негираше какво било негово влијание врз одлуката за одложување на прогресивното оданочување. Тој рече дека станува збор за одлука на Министерството за финансии кое ги правело анализите кои, како што рече, тој ги видел на владината седница.

„Немав никакво влијание во носењето на оваа одлука“, тврди Анѓушев.

Тој одби да ги коментира и критиките од поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ во чие време се воведе прогресивното оданочување.

„Министерката добро знае дека ефектите од реформата се подобри отколку што се очекуваше. Впрочем, и самата кажа дека ‘товарот’ од прогресивниот данок го поднеле компаниите. Тоа, всушност, ѝ е болката. Затоа што и таа, исто како и вицепремиерот Анѓушев, во Владата дојдоа директно од раководството на најголемата стопанска комора во државата, што ни дава за право да се сомневаме дека и во Владата го застапуваат интересот на крупниот капитал, а не интересот на граѓаните“, напиша Јовановиќ во колумна за „Призма“.

Во петокот, министерката за финансии, Нина Ангеловска, соопшти дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото оданочување од 10 проценти за сите категории доход.  Одлуката ја образложи со резултатите од направената анализа, според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Потоа и премиерот Зоран Заев „призна“ дека прогресивниот данок не ги дал очекуваните резултати од причина што земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок.

„Да, направивме исчекор, почнавме, еве на крајот на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи да го практикува оваа влада. Растот на персоналниот данок е повеќе од 14 проценти оваа година, но ова не се должи само на прогресивниот данок, туку поради тоа што имаме 54 илјади нови работни места. Тие плаќаат персонален данок поради тоа што платите растат, а расте и персоналниот данок за платите“, рече Заев.

Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, во гостување на „Топ тема“ на Телма тврдеше дека одлуката за одложување на прогресивното оданочување не е популистичка, туку се базира на анализи направени во Министерството за финансии. Според Деспотовски, стандардот во државата не остава простор за многу левичарење.

„Интересот на граѓаните не може да се смета за популизам. Она што е денеска презентирано како пролонгирање на рокот се базира на анализи направени во Министерството за финансии. Левичарската политика во случајов апсолутно не е доведена во прашање. Не сум сигурен дека државава и нашиот животен стандард може да дозволат да левичариме многу. Одговорен политичар ќе каже дали има ефект или не од некоја мерка. Во делот на собирањето на средствата се работело како што треба, но промената е во делот на трошењето“,  истакна Деспотовски.

Според него, Владата е пријателски настроена кон домашната економија, а не е пробизнис ориентирана.

На крајот на работната недела, министерката за финансии Нина Ангеловска соопшти дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото од 10 проценти. Одлуката ја образложи со резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Ангеловска истакна дека значаен исчекор е и дека решението кое ќе стапи во сила од 2023 година ѝ е познато на јавноста уште отсега. (П.Р.)

 

Опозицијата ликува: идеолошка конфузија во СДСМ

 

Како знак за идеолошка конфузија во СДСМ, поранешниот министер за финансии Трајко Славески, кој сега е член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, го оцени потегот на владата за замрзнување на прогресивното оданочување.

Славески, кој беше министер во првиот кабинет на Никола Груевски, при воспоставувањето на рамниот данок, вели дека со неверување ја примил веста за одложувањето на прогресивниот данок.

„На СДСМ им беа потребни три-четири години да ја спроведат мерката, за прогресивниот данок и зголемувањето на даноците да стапат во сила од 1 јануари 2019 година. Имаа доволно време да ги предвидат сите последици, а веќе гледаме дека за десет месеци таа носи штетни последици. Ние сме загрижени затоа што имаме партија на власт која има идеолошка конфузија подолг временски период, заснована на погрешни факти, тоа се гледа и од начинот на практикување на власта“, оцени Славески.

Според него, новата влада што ќе била предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе мора веднаш како една од првите мерки да му предложи на парламентот укинување на прогресивниот данок, не негово одложување за три години.

„Заев се правда дека чесно постапиле што ја укинале мерката. Господине Заев, македонските и сите граѓани што живеат во Македонија, главно, се чесни, освен во случаи кога насила со непромислени законски решенија и мерки се принудени нив да ги заобиколуваат во борбата за гола егзистенција. Но, од владата и Заев не се бара единствено да се чесни, во што ние се сомневаме, туку да се компетентни и да можат однапред да ги предвидат последиците од сите мерки што ги преземаат, а особено во случаите кога има укажување од сите страни за штетноста на тие мерки“, вели Славески.

Поранешниот премиер Груевски од азилот во Будимпешта го поздрави потегот на актуелната влада за одложување на прогресивниот данок.

„Независно што воведувањето прогресивен данок беше катастрофална грешка на оваа влада, за што укажував уште пред да се воведе тој, сепак иако целта е предизборен популизам, за пофалба е враќањето на рамниот данок, еден од најуспешните проекти во Македонија од независноста до денес“, напиша Груевски  на „Фејсбук“.