Програмата за практиканство на „Алкалоид“ се проширува во две средни училишта


По успешната имплементација на програмите за практиканство со четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Алкалоид АД Скопје“ одлучи соработката од овој вид да ја прошири и со средните училишта.

Во првиот циклус од програмата насловена „Серијална практична обука“, компанијата потпиша меморандуми за соработка со две средни училишта на територијата на град Скопје: средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и средното хемиско училиште „Марија Кири – Склодовска“.

Целта, како што соопштуваат од компанијата,  на овој циклус на практиканство со средните училишта е да се поттикне развојот на младите стручни кадри преку нивен активен ангажман во автентични процеси.

-Во насока на нашите заложби за корпоративна општествена одговорност, а поттикнати од успешните примери на практикантство со академските инстанци, каде добивме сериозни индикатори за тоа како активниот ангажман на младите, талентирани и амбициозни студенти може да се искористи во полн капацитет а при тоа да се има заеднички бенефит, одлучивме да ги отвориме вратите и за практична соработка со средните стручни училишта поврзани со нашите бранши. Се надевам дека новите генерации на миленијали ќе ја искористат шансата за надградување на нивните знаења и стекнување нови практични вештини во рамки на реални процеси, изјави генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје Живко Мукаетов.

За целите на спроведување на проектот, кој е верифициран од страна на Стопанската комора на Македонија, а поддржан и од управата на Град Скопје денеска во седиштето на „Алкалоид“ беа потпишани меморандумите за соработка помеѓу компанијата и образовните институции.

-Оваа програма за изведување практична настава отвора нова можност за учениците да стекнат практични вештини, знаења и искуства во оваа компанија. Верувам дека учениците ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на труд по завршувањето на образованието, изјави директорот на СУГС „Марија Кири – Склодовска“ Блерим Небиу.

Според ВД директорката на средното медицинско училиште„Д-р Панче Караѓозов“, Маја Салиу, потпишувањето на Меморандумот за соработка со „Алкалоид“ е резултат на зедничката визија за поттикнување на вработливоста на младите.

-Стратешка ориентација на нашето училиште е да се продуцираат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот преку стекнување вештини низ практична работа во реални услови. Сето ова е во насока на воспоставување систем на дуално образование во рамки на заложбите за одржлив економски раст и развој, истакна Салиу.

Според Даниела Адамова, раководител на секторот за образовние целта е преку поддршка на позитивните пракси од европските модели на дуално образование, да креираме сопствени модели на соработка со бизнис заедницата што ќе ги рефлектираат специфични потреби за ефикасен и продуктивен образовен систем.

Првиот циклус од програмите за практиканство „Алкалоид“ и Универзитот „Св. Кирил и Меториј“ го отпочна во април 2018 година. Преку истиот, 11 од вкупно 17 ангажирани практиканти останаа да работат за компанијата.  За својот практичен ангажман, средношколците ќе добијат симболичен паричен надомест од компанијата, а првата група од околу петнаесетина практиканти се очекува да отпочне со практичната обука кон средината на месец јуни оваа година.