ЕЦБ: Домаќинствата во еврозоната сѐ помалку позајмуваат од банките


Домаќинствата во еврозоната се помалку се задолжуваат кај банките, ова е заклучокот од извештајот на Европската централна банка (ЕЦБ) за монетарните движења во март, објавен денеска.

Банкарските заеми за домаќинствата во еврозоната пораснаа за 0,2 отсто на годишно ниво во март, забавувајќи се од 0,3 отсто во февруари, според ЕЦБ.

Како што произлегува од податоците, во март е забележан најбавен раст на кредитите на домаќинствата на годишно ниво од февруари 2015 година.

Вкупната вредност на кредитите на приватните компании (освен финансиските) во март е зголемена за 0,4 отсто на годишно ниво.

Вредноста на монетарниот агрегат М3 на вкупните ликвидни средства на еврозоната во март се зголеми за 0,9 отсто на годишно ниво, а вредноста на потесниот монетарен агрегат М1, кој ги вклучува парите во оптек и депозитите преку ноќ, падна за 6,7 отсто во споредба до истиот месец минатата година.