Проект на УСАИД: Се подобрува перцепцијата за бизнис климата, но се уште е на ниско ниво


Перцепцијата за бизнис климата е на ниско ниво и покрај тоа што бележи подобрување. Подобрување бележи и поддршката од страна на државата, но се уште е само 26 отсто, сепак ситуацијата е подобра во споредба со другите држави од Западен Балкан и кај нас на 55 отсто е порасната перцепцијата дека деловната клима е иста или подобра во 2020 година.

Ова го покажуваат резултатите од Петтото истражување на перцепцијата за бизнис климата во земјава направено во периодот од 24 ноември до 9 декември 2020 година од Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива спроведуван од ЕПИ ЦЕНТАР со партнерите Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

Целта на истражувањето е да се оцени ставот на компаниите во однос на бизнис регулативата, работата на инспекциските служби, капацитетите и работата на коморите, деловната клима, како и алатките на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива за поголема информираност на приватниот сектор. Со неговата презентација и официјално беше затворен проектот што почна да се спроведува во октомври 2016 година.

-Истражувањето е направено во еден многу турбулентен период во кој се изразени политички, економски и социјални превирања, предизвикани од дилемите околу добивањето на датум за преговори со ЕУ, вирусна пандемија која освен на здравјето на луѓето остава огромни последици и на економијата, намалена вработеност, животен стандард, ограничено движење на луѓето и севкупно големи социјални последици. Анализата, заклучоците и препораките траба да им дадат информации на надлежните органи и организациите кои го поддржуваат бизнисот, кои можат да ги земат предвид при градење на политики и регулатива, посочи директорот на проектот Љубомир Димовски.

За ова истражување, додаде, беа поканети над 3000 компании и беа прибрани 543 валидни одговори кои се искористени за анализа и изработка на овој документ.

-Во досегашните истражувања се бележат претежно позитивни трендови, па така е и во најголемиот број на индикатори и за оваа година, но кај голем дел од нив се забележува опаѓање и тоа е предизвикано најмногу од политичките, економските и социјалните фактори предизвикани од предвремените избори и ковид кризата, рече Димовски.

Експертот Влатко Данилов во презентацијата на резултатите од истражувањето рече дека низ годините, па и последната, се бележи подобрување на состојбите со работењето на инспекциите.

-Се бележи натамошен тренд на зголемено користење на опомените наместо санкциите, што е и долгорочна цел кај инспекциите да прераснат во институции кои најпрво ќе делуваат едукативно и ќе им овозможат на компаниите да се прилагодат на регулативата и да ги исправат неправилностите, а дури потоа, доколку не го сторат тоа, да бидат казнети. Позитивен тренд се бележи кај роковите кои им се оставени на компаниите да ги отстранат неправилностите, а единствен негативен тренд е искажан во врска со немањето можност за жалба во втор степен, што остава простор за манипулации, рече Данилов.

Гледано низ призма на минатите пет години, додаде, сите области опфатени со регулативата бележат подобрување, но најголемото е забележано кај царината, трудовото право и јавните набавки. Најмало подобрување се бележи кај секторот Градежништво и кај даночната регулатива.

Во врска со достапноста на информации посочи дека опаѓа бројот на компаниите кои не ја проверуваат усогласеноста на нивните акти со регулативата, а сè поголем број на компании покажуваат вистински интерес за проверка на усогласеноста на актите со регулативата.

Сепак, како што рече Димовски, честата промена на законите им пречи на компаниите особено на микро и малите кои немаат вработени кои се специјално посветени на ова поле и им препорача да се зачленат во коморите кои бележат голем напредок во оваа област и сè повеќе се наведени како начин за проверка на актите со регулативата.

-Кон ова се приклучува и растот од преку 50 отсто на задоволството од сопственото учество на компаниите во процесот на носење на бизнис регулативата, што е една битна придобивка од Проектот кој работеше на оваа проблематика во текот на спроведувањето, рече Димовски.

Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија во одговор на новинарско прашање рече дека веќе е воспоставена пракса во однос на дијалогот со Владата секој последен петок во месецот да се одржува состанок на Платформата за јавно приватен дијалог на високо ниво.

-На состанокот учествуваат претседателите на коморите со вицепремиерот за економски прашања и министерствата кои се важни по однос на одредени теми кои се дискутираат. Битно е да бидеме вклучени при дефинирање на економските мерки за во иднина. Сметаме дека мерките во иднина не треба да бидат општи, туку поконкретни и врз база на анализа и целата државна помош да се фокусира во секторите кои имаат додадена вредност, односно позитивен импакт врз економијата. Како платформа веќе имаме направено неколку студии за даночните реформи и импактот на пандемијата врз даноците, врз текстилниот кластер, туризмот и другите важни сектори кои се важни за проектот. Тоа треба да биде почетна точка на дискусија со Владата за конкретно да ги решаваме проблемите и за фокусирани мерки кои ќе имаат поголема додадена вредност врз економијата, рече Исени.

Дека не е соодветно носењето универзални економски мерки за сите за справување со последиците од пандемијата со коронавирусот се согласи и Данилов, кој посочи дека претходно треба да се направат анализи за кој сектор какви мерки би требало да се донесат.

-Тоа во овој момент би требало да го направат коморите заедно со министерствата и врз база на извештаите да се донесат предлози за нови мерки, како и да се направи анализа за претходните мерки од четирите пакети како делувале, дали биле ефективни и направиле некакво подобрување кај компаниите или не, рече Данилов.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски посочи дека даваат максимален придонес за, како што рече, државните институции да го прифатат она за што постојат, а тоа е дека постојат за да ги извршуваат функциите за кои земаат плата, а не за да му направат услуга на некого.

-Како Царинска управа се надевам дека успеваме да се наметнеме дека одиме во насока на промена на културата на однесување и дека придонесуваме максимално за јавниот приватен дијалог низ конкретни работи, а посебно што во пандемијата максимално им излеговме во пресрет на економските оператори преку иницијативата за зелени коридори, па се до обичните дозволи, ослободувањето на камионите. Преку дигитализацијата обезбедивме бесхартиен извоз, а сега и бесхартиен увоз кој е пилот проект, рече Танасоски и се заблагодари за коректниот однос кој го имаат коморите и проектот кон Царината.