Пригожин сакал да ги зароби Шојгу и Герасимов за време на нивната посета на Ростов

Планот пропаднал откако два дена пред посетата тајната служба ФСБ дознала за намерите на Пригожин и тој предвреме го почна бунтот, пишува „Волстрит џорнал“


 

Евгениј Пригожин имал намера да ги зароби и водачите на руските вооружени сили за време на нивното патување во јужна Русија. Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, и началникот на Генералштабот, Валери Герасимов, кого лидерот на „Вагнер“ го обвини за неспособност, измама на претседателот Владимир Путин и инвазија на Украина за лична корист и добивање награди, планираа посета на Ростовската област. Тајната служба ФСБ дознала за намерата на Пригожин два дена пред планираната акција, пишува „Волстрит џорнал“ (ВСЏ), повикувајќи се на западни претставници.

Затоа, Пригожин морал порано да ја започне својата операција, а тоа може да го објасни брзиот крај на бунтот, забележува весникот.

Според информиран извор на ВСЏ, западните разузнавачи, анализирајќи ги пресретнувањата на комуникациите и сателитски снимки, исто така однапред дознале за плановите на Пригожин. Планот имал добри шанси за успех, според западните официјални лица, но пропаднал откако заговорот станал познат на ФСБ. Пригожин дозна за ова и мораше да импровизира во движење, го иницираше заземањето на Ростов, а потоа и „маршот на правдата“ до Москва.

Леснотијата со која Вагнер успеа да ги окупира воените објекти во Ростов може да укаже на тоа дека некои армиски команданти можеби биле вклучени во заговорот, според разузнавачките служби на Запад. Пригожин, сметаат западните претставници, ги споделил своите намери со високи офицери, меѓу кои би можел да биде и заменик-командантот на групата во Украина, генерал Сергеј Суровикин. Не е познато дали Суровикин ги предал информации за плановите на Пригожин до ФСБ и како специјалната служба воопшто дознала за нив, пишува ВСЏ.

Фактот дека Суровикин однапред знаел за плановите на Пригожин да започне вооружен бунт против военото раководство, го објави и „Њујорк тајмс“, цитирајќи американски претставници запознаени со разузнавачките служби. Според нив, сега Американците се обидуваат да откријат дали Суровикин помогнал во планирањето на бунтот.

Суровикин беше првиот од високите команданти во петокот кој го повика Пригожин да запре. Генералот командува и со Воздухопловните сили, а само неговите подредени се обиделе да им се спротивстават на „вагнеровците“, напаѓајќи го од воздух конвојот оклопни возила што напредувале кон Москва. Но, од саботата, Суровикин не се појавил во јавноста.

Според американското разузнавање, постојат знаци дека други генерали би можеле да го поддржат обидот на Пригожин да го смени раководството на руското Министерство за одбрана, забележа „Њујорк тајмс“. Шефот на „Вагнер“ немаше да се побуни ако не веруваше дека ќе му помогнат други луѓе од власта, велат сегашни и поранешни американски функционери.

Пригожин верувал дека дел од вооружените сили ќе го поддржат неговиот бунт, според разузнавачките извори на ВСЏ. Според нив, како подготовка за бунтот, „Вагнер“ собрал голема количина муниција, гориво и воена опрема, вклучувајќи тенкови, оклопни возила и системи за противвоздушна одбрана. Последните беа искористени за време на маршот кон Москва, како резултат на што беа соборени хеликоптери и авиони на руските вооружени сили, загинаа околу 20 пилоти.

Откако ги доби овие податоци, западните разузнавачи се прашуваа до кој степен Путин ја контролира ситуацијата во безбедносните сили, дали ФСБ знаеше за претстојниот бунт, но на крајот, колоната на „Вагнер“, откако го помина растојанието од Ростов до регионот Тула за половина ден, застана на само 200 километри од Москва.

Судири во главниот град можеше да се очекуваат доколку не интервенираше Александар Лукашенко, кој предложи преместување на „вагнеровците“ во Белорусија, изјавија за ВСЏ западните разузнавачи. Според нив, присуството на „Вагнер“ во Белорусија за Лукашенко, меѓу другото, ќе биде и гаранција за лична безбедност.