Прево: ЕУ има морална должност да преземе мерки околу случувањата во Газа

Потребен е итен прекин на огнот во Газа и обезбедување на дистрибуција на хуманитарна помош за населението во доволен обем, изјави денеска белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево во гостувањето во емисијата „Премиера“ на државната телевизија РТБФ.
– Тоа е она што го кажуваме и за што силно се залагаме. Повикуваме оваа војна да заврши што е можно побрзо, заложниците да бидат безусловно ослободени и пред се да можеме да се справиме со овој хуманитарен предизвик, изјави Прево.
Тој додаде дека е свесен оти „малата Белгија“ сама нема моќ да го промени однесувањето на Израел и дека го осудува недостигот на консензус на европско ниво во однос на ова прашање.
– Сепак, тешко е да се обвинува Европа кога и во самата белгиска Влада има разлики во мислењата по ова прашање, што секогаш ме спречува да преземам мерки онолку силни колку што би сакал. Верувам дека дојде време да ги зајакнеме нашите позиции и да преземеме мерки, дури и ако се плашиме дека тие сами по себе нема да го имаат посакуваниот ефект на теренот. Не можеме да се ослободиме од одговорноста. Тоа е правно прашање, но и морална должност, додаде Прево.
Изјавата на Прево следи откако групата „Правда за Газа“ ја критикуваше Белгија поради неактивност во однос на, како што наведе, „злосторства извршени од Израел во Појасот Газа“, најавувајќи дека ќе ја тужи државата доколку не преземе некакви мерки по ова прашање.
Белгискиот крал Филип во видео обраќање до јавноста по повод вчерашниот Белгиски национален празник оцени дека состојбата во Газа претставува срам за човештвото.
– Се придружувам на сите што ги осудуваат сериозните хуманитарни злоупотреби во Газа, каде што невини цивили, заробени во нивната енклава, гладуваат и страдаат од бомби… Сегашната ситуација трае предолго. Ова е срам за човештвото, истакна кралот Филип во обраќањето.