Преполовени казнените камати


Казнените камати значајно се намалуваат откако Владата на вчерашната седница донесе Уредба за измена на Законот за облигациски односи.

Според Уредбата, стапката на казнената камата се определува на месечно ниво во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

Тоа практично значи дека кога како доверител се јавува некое претпријатие или банка на пример, а како должник некој граѓанин, појдовна основа за пресметување на казнената камата (покрај долгот) ќе биде референтната каматна стапка на Народната банка за минатиот месец и која беше 2 отсто (во моментов е 1,75 отсто), а не за изминатите шест месеци, како до сега. На ова ќе се додадат четири процентни поени, што во случајов би изнесувало 6 отсто. До сега зголемувањето беше двојно повеќе, односно осум процентни поени, што заедно со референтната камата, која во претходниот период изнесуваше 2,25 отсто, ја правеше казнената камата речиси двојно поголема отколку сега. Инаку, во сметководствената практика постои посебна постапка врз основа на која се пресметува оваа камата во зависност од износот на долгот, бројот на денови во долг и тн.

Слично е и кога како доверител и како должник се јавуваат фирми, односно правни лица, со таа разлика што на референтната каматна стапка на НБМ сега се додаваат пет процентни поени, а не десет како до сега.

Намалување има и кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута. Стапката на казнената камата се определува за секој месец во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Македонија.

„Донесувањето на оваа Уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор, наведува владината прес-служба. (Н.В.)