Преговорите на Македонија со ЕУ станаа дел од програмата на новата германска влада


Коалицискиот договор на трите германски партии што ќе ја формираат новата сојузна влада ја поддржува европската интеграција на шесте земји од Западен Балкан, дознава European Western Balkans.

Договорот предлага отворање на првите преговарачки поглавја со Албанија и Северна Македонија, визна либерализација за Косово и продолжување на преговорите со Црна Гора и Србија.

-Ја поддржуваме европската интеграција на шесте земји од Западен Балкан и, во таа смисла, неопходните реформи за исполнување на сите критериуми од Копенхаген, се вели во документот.Во тие рамки ќе се зајакне и граѓанското општество, се додава понатаму.

Поддржан е и дијалогот Белград-Приштина што се води под покровителство на ЕУ, како и напорите за одржување на долготрајниот мир во БиХ заснован на зачувување на територијалниот интегритет и премостување на етничките разлики.

Се додава дека паралелно со пристапните преговори, мора да се подобри капацитетот на ЕУ за прием на нови членки.

Социјалдемократите, либералите и зелените денеска го презентираат својот коалициски договор. Нов канцелар на Германија ќе биде лидерот на социјалдемократите Олаф Шолц, додека Министерството за надворешни работи, во кое е вклучено и ресорот за европски прашања, се очекува да оди кај Зелените.