„Предок“ – изложба на Киро Урдин во Мајами


На  1 мај  во галеријата „Амадлози“ на Африканскиот центар за културно наследство во  Мајами  на  Флорида,ќе биде отворена изложбата  “Предок“  на  македонскиот ликовен уметник Киро Урдин. Изложбата која ќе трае до 31  мај  е реализирана во соработка со“Клосер контемпорари арт“ од Белгија и „Ел еспацио 23“.

Македонскиот сликар досега  создавал и  имал изложби  во  Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Кина, Порторико, Филипини и Тајван….. а пред  девет години, на покана на Музејот на уметности (Museum od Art) од Нингбо во Кина, тој  престојуваше  речиси два месеца во оваа културна установа во чие студио изработи 18 слики и 100 цртежи. По изложбата оваа галерија откупи 10 дела кои станаа дел од постојаната колекција на Музејот на уметноста од Нингбо.

Киро Урдин е роден 1945 година  во Струмица. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна  студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на “Академијата на филмот” во Париз бил награден, а во 1982 – 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на “Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.

Покрај сликарството и книгите ( афоризми “Le Dedoublement de la Personnalite”и “Le Dessin, le Pastel et l’Aquarelle of the contemporary arts” од издавачот Mayer) Урдин ги илустрирал книгите на Jacques Delors “Combats pour l’Europe” и на Анатолиј Карпов “Mes plus belles victoires”.

 Од работилницата на Урдин излезени се и неколку краткометражни филма – “Уметноста на Киро Урдин”, “Те сакам, Ибан” и “Планетариум” во продукција на МРТВ.

Сликата „Планетариум“( со површина од 48 м2.   ) која е  реализирана низ најзначајните културни центри на светот, спаѓа меѓу најголемите во современа Европа е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. “Планетариумот“ како мултимедијален проект се вбројува  меѓу првите  уметнички делa во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариумот“ е снимен и филм  koj беше прикажан во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло ( 1998 год.)